НБРМ: Продолжуваат активностите за натамошно јакнењe на финансиската стабилност во земјава


Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Министерството за финансии, согласно со препораките во евроинтегративниот процес, интензивно продолжуваат со заедничките напори за натамошно зајакнување на финансиска стабилност во земјава. Со таква цел беа подготвени и Стратегијата за денаризација и Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните пласмани, коишто беа предмет на меѓуинституционално разгледување. Овие стратегии вклучуваат повеќе мерки, за чиешто спроведување е предвидено вклучување и на други надлежни институции.

Со Стратегијата за денаризација на Република Македонија се потврдуваат заложбите за натамошно јакнење на довербата и ширењето на употребата на домашната валута, што ќе придонесе за натамошно намалување на евроизацијата како значаен фактор за одржување стабилна економија и здрав банкарски сектор. Воедно, натамошното јакнење на довербата во домашната валута е во функција на поддршка на монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот. И покрај големиот напредок во намалувањето на евроизацијата (учеството на девизните депозити и депозитите со валутна клаузула во вкупните депозити од околу 59% на почетокот на глобалната криза е намалено на околу 40%), постои потреба од натамошно преземање активности во оваа сфера. Стратегијата нагласува дека прв и основен столб за соборување на евроизацијата е одржувањето на макроекономската стабилност, што успешно се остварува години наназад. Втор столб се посебните таргетирани мерки во различни области од страна на носителите на политиките.

Покрај редовните анализи за соодветно приспособување во доменот на оперативното водење на монетарната и фискалната политика, се предвидуваат и повеќе мерки за развој на домашните финансиски пазари и вложувањата во хартии од вредност во домашна валута. Макропрудентните мерки во однос на банкарското работење, исто така ќе бидат редовно преиспитувани во контекст на намалување на евроизацијата. Регулаторните институции од областа на финансискиот систем ќе продолжат со постојана финансиска едукација, заради подигнување на општата свест за финансиските услуги и развој на финансиските вештини кај населението, коишто ќе ја зголемат свесноста за финансиските ризици.

Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните пласмани (лоши кредити) има за цел да придонесе кон подобрување на условите и зголемување на ефикасноста во наплатата на овие кредити, како и кон создавање услови за унапредување на деловните практики при прометот со побарувањата. За одржување здрав банкарски систем, но и за овозможување одржлив кредитен раст, од клучно значење е да се продолжи со поттикнување на активности за натамошно намалување на обемот на нефункционалните кредити кај банките, иако веќе се сведени на релативно ниско ниво (тековно изнесуваат околу 5% и се меѓу најниските во регионот), вклучително и системски активности, кои би придонесле за подобрување на вкупниот амбиент за управување со нефункционалните кредити.

Исто како и за соборувањето на евроизацијата, така и за намалување на нефункционалните кредити, основен предуслов е макроекономската стабилност и водењето здрави политики коишто се основа за стабилен и предвидлив амбиент за работење на банките и на другите економски субјекти. Покрај макроекономските предуслови, особено важна улога имаат и остварувањата на корпоративниот сектор, квалитетот на управувањето со компаниите, но и начинот на кој банките ја оценуваат кредитната способност на своите клиенти. Исто така, регулаторната рамка, функционалноста на правниот систем, јасната даночна регулатива и степенот на развиеноста и функционалноста на пазарните сегменти претставуваат сфери коишто можат да придонесат кон подобрено управување со нефункционалните кредити.

Во оваа насока, покрај зајакнување на супервизорскиот надзор на управувањето со нефункционалните кредити на банките, НБРМ ќе работи на натамошно подобрување во доменот на поставеноста и функционирањето на кредитниот регистар. Преку вклучување и на други надлежни институции, меѓудругото, ќе се преземат активности за подобрување на финансиското известување и корпоративното управување на компаниите, ќе се спроведе анализа на одредбите од законска регулатива во доменот на извршување, нотаријатот, стечајот и од областа на процената на имотот и нивното значење за управувањето со нефункционалните пласмани. Предвидени се и активности за развој на пазарот за нефункционални побарувања, како специфичен пазарен сегмент.

Се очекува активностите на НБРМ, Министерството за финансии и на осумте државни институции вклучени во процесот на спроведување на двете стратегии да придонесат за натамошно јакнење на стабилноста на финансискиот систем.


Видете следно

Ременски: И не мразам никого, не дозволив да ме исфрустрираат транзиционите политичари

За Фри-Шопот и стечајците … На граничниот премин Деве Баир во Крива Паланка во меѓуграничната …