НБРМ: Се очекува економскиот раст за 2014 година да изнесува 3,7%


Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата единаесетта седница на која беа разгледани најновиот Квартален извештај и Макроекономските проекции за периодот до крајот на 2016 година.

Во текот на третиот квартал на 2014 година, Народната банка на Република Македонија ја задржа основната каматна стапка на нивото од 3,25%, оценувајќи ја како соодветна на економските и финансиските услови во овој период и на проценетите ризици. Инфлацијата се намали и во тој квартал, што влијае да се очекува просечната годишна инфлација до крајот на годината да биде околу нулата. Покрај пониските остварувања, причини за пониската oчекувана инфлација се и отсуството на ценовните притисоци преку домашната побарувачка, како и најновите намалувања на светските цени на нафтата и храната. Постепеното отворање на позитивниот производствен јаз, во услови на засилување на домашната економија, е главната причина да се очекува умерено повисока инфлација, која во 2015 би се движела околу 1%, а во 2016 година околу 2%. Геополитичките и климатски фактори се главните ризици коишто можат да доведат до отстапување од оваа проекција во нагорна насока.

Се очекува економскиот раст за 2014 година да изнесува 3,7%, исто како и во претходната проекција, поради непроменетите појдовни услови и задржувањето на претпоставките за поддршка на растот преку странските и јавните инвестиции. Сепак, поради побавното закрепнување на странските побарувачка, се очекува малку помал раст од предвидениот и би изнесувал 4,1% за 2015, односно 4,5% за 2016 година. Новите странски инвестиции, поголемата искористеност на капацитетите, како и фискалниот стимул преточен во инвестиции во инфраструктурата и натаму ќе бидат главните фактори за растот на домашната економија. Притоа, се очекува деловните банки умерено да ја зголемуваат поддршката на потрошувачките и инвестициските одлуки на домашните субјекти. Кредитниот раст би изнесувал 8,7% за целата 2014 година, 9% за 2015 година и 10% во 2016 година.

Во 2014 година дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања би изнесувал 2,7% од БДП, наспроти 4% во претходната проекција, што главно се должи на послабата увозна побарувачка и помалите одливи кај услугите. Во 2015 и 2016 година предвидено е дефицитот на тековната сметка да достигне 3,9% и 4,6% од БДП, соодветно. Се очекува ова да биде предизвикано од намалувањето на секундарниот доход, главно приватните трансфери, растот на домашната потрошувачка, но пред сè од увозот на суровини и опрема од страна на новите странски инвеститори. Зголемениот увоз на суровини и опрема од страна на новите странски инвеститори во структурата на дефицитот на тековната сметка укажува на отсуство на поголеми нерамнотежи во економијата.

На оваа констатација укажува и состојбата на девизни резерви и очекувањата во врска со нив. И без ефектот од задолжувањето на државата на меѓународните финансиски пазари, девизните резерви забележаа умерен раст, во согласност со очекувањата. Пад се очекува во 2015 година, поради еднократната висока отплата на надворешниот долг на државата, додека во 2016 се очекува повторно акумулирање на девизните резерви, дури и без надворешни задолжувања на државата. Ова очекување е дел од проекциите за продолжување на постепеното зголемување на странските инвестиции, како и за зголеменото финансиско задолжување на приватниот сектор во целина. Општо земено, показателите за девизните резерви во текот на целиот временски период на проекциите ќе останат на адекватно ниво.

Последните остварувања покажуваат економска слика којашто е слична со таа од претходната проекција, со оцени за солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција којашто обезбедува раст и натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму се главно од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст, особено тој во Европска Унија, како и со движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Народната банка на Република Македонија внимателно ќе ги следи движењата и во следниот период и доколку е потребно ќе направи соодветни промени во спроведувањето на монетарната политика заради успешно остварување на нејзините цели.
Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница ја прифати Информацијата за идејното решение на новите книжни пари од 200 и 2000 денари и ги задолжи стручните служби да ги преземат сите активности неопходни за нивното печатење.

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 200 денари е релјефот со претставa на старозаветниот 41. Давидов псалм којшто им припаѓа на препознатливите винички теракотни икони, едни од најзначајните раносредновековни археолошки откритија на територијата на Република Македонија. На истата страна, во централното лево поле е прикажана раносредновековна прстеста бронзена фибула од почетокот на VII век, а е пронајдена во околината на Прилеп. На задната страна на оваа банкнота е претставен архитектонско-ликовен елемент од челната фасада на „Шарената (Алаџа) џамија“ во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Република Македонија, надополнет со флорални елементи преземени од декорацијата на мермерните подни плочи на познатата „Исак џамија“ во Битола, изградена на самиот почеток на XVI век.

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 2000 денари е претстава на македонска невестинска носија од Прилепско Поле, како впечатлива рефлексија на богатството на фолклорната ризница на Република Македонија. На истата страна, во централното лево поле е претставен приврзок во форма на афионова чашка којшто е откриен во Сува Река, Гевгелија и претставува артефакт датиран во VII век пр.н.е што му припаѓа на познатата група пајонско-македонски бронзи. Што се однесува до задната страна на банкнотата, на неа е прикажана декорацијата на внатрешната страна на позлатен сад, којшто потекнува од XVI век и во чиешто централно поле се наоѓаат два афронтирани пауна покрај „изворот на животот” обиколени со раскошна флорална декорација.

На денешната седница Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои и Одлуката за издавање кована пара за колекционерски цели „Риби“, од серијата „Хороскопски знаци“. Кованата пара „Риби“ ќе се издаде со апоен од 10 денари во 7000 парчиња.


Видете следно

Во Кисела Вода деновиве се уредува нов парк на површина од 16.000 квадратни метри

На неуредениот простор меѓу улицата Лазар Димитров и железничката пруга во Кисела Вода деновиве се …