НБРМ во соработка со експерти на ЕЦБ и ЕСЦБ: работилница за управување со податоците за статистички потреби


Народната банка на Република Македонија, во соработка со експерти од Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки, вчера организираше работилница на тема „Управување со податоците за статистички потреби на централните банки и доверливост на статистичките податоци”.

„Еден од стратешките приоритети на Народната банка на Република Македонија е постојано унапредување на квалитетот на статистиката преку примена на меѓународните статистички стандарди коишто во посткризниот период ја нагласуваат потребата за обезбедување подетални, посеопфатни и пофреквентни статистички податоци, притоа водејќи сметка за известувачкиот товар на економските субјекти.” – истакна гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, во своето поздравно обраќање со коешто го отвори овој настан.

Првата сесија на работилницата ѝ беше посветена на регулативата и практиките за обезбедување рационален пристап до статистичките податоци и за заштитата на нивната доверливост во еврозоната како целина, како и во одделни земји членки на Европската Унија. Притоа, одделно внимание ѝ беше посветено на соработката меѓу Генералниот директорат за статистика на ЕЦБ и статистичката служба на Европската Унија – Евростат, како и меѓу ЕЦБ и централните банки на државите членки на ЕУ, во поглед на начинот и условите под кои се разменуваат податоците прибрани за статистички цели. Експерти од НБРМ, како и од Државниот завод за статистика и Министерството за финансии, во рамките на оваа сесија имаа можност да проследат презентации преку кои, покрај европската регулатива и искуствата на ЕЦБ, беа презентирани и искуствата на централните банки на Луксембург и на Австрија.

Втората сесија ѝ беше посветена на потребата од соодветно управување со податоците во современата организациска култура и третманот на податоците како исклучително вреден ресурс, со посебен осврт на стратегијата, организациската поставеност и практиките за управување со податоци на ЕЦБ. Одделно беа разгледани и сегашните и идните предизвици на ЕЦБ, во врска со различни процеси поврзани со обезбедување квалитет, соодветна архитектура, моделирање, чување, разменување и активно користење на податоците од страна на корисниците, при што акцентот беше ставен на специфичните потреби коишто произлегуваат од функциите на централните банки.

Во рамките и на двете сесии се водеше плодна дискусија, во која се отворија прашања клучни за натамошните активности на НБРМ сврзани со остварувањето на нејзината определба и во областа на статистиката, редовно да ги следи најновите европски и меѓународни стандарди и практики, со што прави и големи чекори по патот којшто води кон Европскиот систем на централни банки.

Во изминатиов период, НБРМ организира низа семинари, работилници и предавања на актуелни теми од областа на статистиката. Оваа работилница којашто е и уште една потврда за успешната комуникација и соработка на НБРМ со ЕЦБ и ЕСЦБ е само еден од планираните настани посветени на статистика, со кои ќе се продолжи и во претстојниот период.


Видете следно

ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ КУПИ КУЌА КУПИ СТАН

Градежната комора на  Македонија го поддржува проектoт  Купи куќа купи стан од самиот почеток на неговата …