Некогаш воено жариште, а денес сточарско и земјоделско село: Какво село е Љуботен?


Селото Љуботен, се наоѓа на подножјето на планината Скопска Црна Гора, на оддалеченост од 15 километри, северно од градот Скопје. Припаѓа на Општина Бутел во рамките на градот Скопје. Опис на местоположбата на селото Љуботен, дава и Ѓорче Петров кој запишал дека е расположено по долот на Љубанската Река малку по на надвор и на ½ час растојание од него во подножјето на височината која го заградува од лево грлото на Љубанскатa Река. Атарот му се граничи со синорите на Раштак од исток, Љубанци од запад, Стрима и Матејче на север. Местоположбата на Љуботен е стопански многу поволна затоа што искористува разновидни природни услови како што се шумите и пасиштата на планинаската падина на Скопска Црна Гора на север кои се подогни за сточарство и плодното земјиште од неоген тип на југ кое е погодно за земјоделство. Жителите на селото имаат водоснабднување преку водовод, а се користеле и 2 чешми во источниот дел на селото и 6 бунари во западниот дел на селото. На планината Скопска Црна Гора над селото избива силниот извор Башинец за кој мештаните сметаат дека има најубава вода, каква што не може да се најде никаде. Воедно, над селото се наоѓа нај атрактивниот реон за селски туризам Башинец за кое во моментот има многу заинтересирани инвеститори, како од земјата така и од странство. На средина на селото протекува Љуботенската Река која истекува од изворот Башинец и го дели селото на помал источен дел каде живеат и Македонци и поголем западен, исклучиво албански населен, дел. Најблиски села на Љуботен се Љубанци со кое е речиси споено на запад и Раштак на исток.

Љуботен спаѓа во старите села на Скопска Црна Гора и постоело уште од 1337 година, за што сведочи изградбата на црквата Св. Никола која била подигната од властелинката Даница, која најверојатно била господарка на жупата Скопска Црна Гора во времето на царот Душан. За време на отоманското владеење црквата била оштетена и разрушена и таа била обновена во 1928 година.

Помеѓу денешното население на Љуботен постои доста живо предание во кое се вели дека нивното село на самиот почеток на 19-от век било раселено. Старите македонски христијански родови од муслиманите биле приморани на иселување, при што сите жители одеднаш го напуштиле Љуботен и отишле некаде во околината на Ниш. Во тоа време настрадала и била оштетена старата средновековна црква. Народното предание исто така вели дека во празните куќи на христијаните Македонци набрзо биле населени 8 албански домаќинства, а потоа пристигнувале и нови нивни сонародници со што вкушно нараснале до 20 куќи. Од иселените македонски христијански семејства во Љуботен се вратило само едно домаќинство. Доселените Албанци во Љуботен брзо се намножиле и се обогатиле со обработливо земјиште, пасишта на планините и стока, на земја која претходно припаѓала на иселените љуботенски македонски жители и македонските жители на соседните села Љубанци и Раштак.

Во Љуботен постоела и друга помала црква во денешниот исклучиво муслимански (албански) населен дел од селото, лево од селската рекичка, кој населението го нарекувало и како „манастирче“, а чиишто остатоци се потполно уништени и тргнати. На местото на таа црквичка куќа изградиле муслиманските албанци Џаферовци, кои подоцна, како што се верува, поради тоа изумреле.

За селото Љуботен во средината и на крајот на 19 век записи даваат и македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот и македонскиот револуционер Ѓорче Петров.

Во својот напис „Црна Гора Скопска“ објавен на 15 февруари 1855 година, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за Љуботен (таму запишан како Љуботин) запишал дека било место за прошетка и одмор (расход) на царот Стефан Душан Силни и денес во него стоела црквата (Св. Никола) разрушена над вратите. Во тоа село имало многу разрушени црквишта, манастири и ракописи, но денеска било арнаутско (албанско) и во него не можело да влезе човек.

Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека брои 70 куќи, од кои само 5 се македонски, а останатите албански, а според духот се едно: и едните и другите се горделиви и диви, дури и според јазикот се едно зашто и Македонците помеѓу себе повеќе зборуваат албански. Нивната положба среде Албанците е очајна: покрај својата работа принудени се на ангарија да ги работат нивите на Албанците, при што главното занимање на последните се земјоделието, сточарството и пчеларството. Се претпоставува дека некогаш Љуботен било маало на селото Љубанци исто така населено со Македонци кои започнале да го напуштаат селото штом Албанците почнале да се доселуваат. Во селото има џамија, а Македонците одат во црква во Љубанци. Надвор од селото на видно место има старa, но убава црква која се гледа дури и од Скопје, а која според натписот над нејзината врата таа била изградена од царот Стефан Душан.

Во текот на летните месеци јули и август во 2001, Љуботен и неговата околина стануваат воено жариште на воениот конфликт каде се одвиваат жестоки вооружени престрелки помеѓу македонските бранители и безбедносни сили од АРМ и МВР и албанските терористи од ОНА. На 10 август 2001 година во Љуботен се случува познатиот Масакр кај Љуботенски Бачила кога во 8:00 часот наутро откако воениот камион на АРМ нагазил на две противтенковски мини кај месноста Љуботенски Бачила, при што загинуваат осум припадници на резервниот состав на АРМ, заради што започнува полициската акција во Љуботен при што се убиени 10 жители на Љуботен кои учествувале во терористичките активности. За овој случај пред Хашкиот суд за воени злосторства се најдоа тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој беше ослободен од обвинението и командантот на полициската акција Јохан Тарчуловски, кој беше осуден на 12 години затвор.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 2.343 жители. Следува табела на националната структура на населението:[6]

Националност Вкупно
Македонци 115
Албанци 2.223
Турци 0
Роми 0
Власи 0
Срби 1
Бошњаци 0
Други 4

Видете следно

Пратениците во Бугарија ќе работат без плата

Пратениците, членовите на Советот на министри, членовите на политичките кабинети и шефовите на државните агенции …