Невработеност, недоверба во институциите и емиграцијата и понатаму главни проблеми со кои се соочуваат младите


Невработеност, проблеми со слобода на изразување, недоверба во опкружувањето и институциите, недоверба во политичките партии како и емиграција, се само дел од проблемите со кои се соочуваат младите во нашата држава. Oва беше прикажано на денешната презентација на наодите од истражувањето за социјален капитал на младите во државава.

Од МОФ појаснуваат дека ова истражување има за цел да направи документ во кој ќе бидат содржани сите проблеми на кои институциите треба да се фокусираат. Во рамки на истражувањето опфатени биле 1 960 средношколци и 1833 студенти од јавните високообразовни установи.

– Декларацијата е документ кој беше инспириран од искуствата со младите кај кои забележавме дека во последните неколку години се провлекуваат постојано исти проблеми, истите недстатоции и потешкотии. Можевме да забележиме дека проблемите на младите најчесто се провлекуваат во образованието, младинската невработеност, слободата на изразување и животна средина, информираше Ѓорѓи Божиновски.

Истражувањето покажува дека младите луѓе кај нас најчесто се зависни од своето семејство и дека ретко кој е самостоен да живее сам. Средношколците од друга страна се соочуваат со проблем во слобода на говорење во образовните институции поради страв од намалување на оценката. Исто така, наодите покажуваат дека младите за своите проблеми се обраќаат само кај семејство, она што останува непроменето е емиграцијата кај студентите и средношколците.

Според еден од учесниците на истражувањето, Димитровска споредбата со претходните години дава јасна слика за трендот на иселување.

-Средношколците во најголем процент својата иднина ја гледаат надвор од државава, што значи речиси две третини од одговорите на средношколците беа дека тие не се гледаат тука. Ова не е нов податок, но доколку ги споредиме со претходните години постои значителна тенденција за емиграција на средношколците, додека пак, речиси повеќе од половина од студентите би заминале, а една третина сакаат да останат во средината во која живеаат, објасни Марија Димитровска учесник во истражувањето.

Додава дека повеќе од две третини од младите сметаат дека државните функционери воопшто не се грижат за интересите на младите.

На презентацијата учествуваа, министерката за образование Мила Царовска, како и амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир.

Министерката нагласи дека најголемиот проблем е во делот со слободата на изразување кај младите во образовните институции поради стравот од санкција.

-Најзагрижувачки сегмент за мене беше дека учениците се плашат да го кажат совето мислење за тоа што оценката ќе им биде намалена, тоа како да го отсликува нашето секојдневие дека секое кажано мислење кое што е различно од мислењето на оние кои што се со поголема моќ во даден момент може да биде санкциониран. Тоа генерално треба да се менува во општеството, а особено тоа да се промени во нашето образованието, изјави министерката за образование Мила Царовска.

Таа нагласи дека е важно да се работи на зголемување на критичкото размислување кај младите.

-Во моментов се уште се наоѓаме во образовен систем кој нуди знаења за факти со недостаток на образование кое поттикнува критичко размислување. Затоа е значајно да поминеме од фактографско знаење во учење кое поттикнува критичко размислување и да создадеме граѓани кои ќе ги предизвикуваат постојните позиционирани факти за да постигнеме развој во општеството, рече министерката во своето обраќање.

Според амбасадорот пак, овие проблеми се пракса и во другите држави во Европа.

-Пораките кои ги слушаме од истражувањето се слика и огледало на денешницата, овие проблеми може да се увидат и во други држави во Европа, но најважно е дека младите луѓе бараат подобро образование, зачувување на животната средина, потранспарентни институции, како и да бидат вклучени во процесот на носење одлуки, а со цел да се слушне нивниот глас, потенцира амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир.

Од Агенција за млади и спорт сметаат дека е потребно да се креираат услови за секој млад човек, со цел да му се дадат причини да остане во државава. Најавија формирање совет на млади со претставници на младински организации и институции и дека наодите од истражувањето ќе ги земат предвид за понатамошно креирање на политики.

Еден од учесниците Бојан Петровски се осврна и на проблемите со основните услови за хигиена во образовните институции.

Тој рече дека постојат многу други градови и рурални места каде учениците се соочуваат со немање основни елементи за одржување хигиена.

-Премногу сме во транзиција и после ни бегаат младиве, па ни бегаат затоа што им е преку глава од се, и од образование што не им дава можности и од институции што не им даваат да се вработат. Крјно време е да размислиме како да ги задржиме барем овие млади што ни останаа, поентира на крај Блерим од Центар за балканска соработка -Лоја.

Истражувањето е реализирано во рамки на Проектот за младинско изразување спроведено од МОФ во партнерство со Младински сојуз – Крушево и Центар за балканска соработка Лоја, а e финансиран од Европската Унија.свс/скс/

Скопје, 26 јануари 2021 (МИА)


Видете следно

ССМ: Социјалниот дијалог треба да се прошири и на прашањето за родовиот јаз во платите

Социјалниот дијалог треба да се прошири и на прашањето на родовиот јаз при исплата на …