Николовски: Дo крај на април исплата на дополнителната субвенција за откупени сливи


Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорите на надлежните институции во секторот земјоделство и со градоначалникот на општина Делчево Горан Трајковски , денеска имаа работна средба со земјоделците од делчевскиот регион. Фокусот на средбата беа актуелните состојби во земјоделството со акцент на овоштарството и сточарството , како и новите мерки во Програмите за финансиска поддршка во земјоделство и руралниот развој за оваа година за сите земјоделски гранки. На трибината се дискутираше и за сите предлози на земјоделците и идните политики кои МЗШВ ќе ги преземе за развој на секторот.

Министерот Николовски на трибината информираше дека мерките што се преземаат во делот на овоштарството се по препорака на Европската унија, а една од измените е трансформирање на мерката за предадено овошје во основната субвенција по површина која во новата Програма за директни плаќања е зголемена, што беше прифатено од земјоделците на трибината. Воедно информираше дека до крајот на април ќе се исплати дополнителната субвенција од 2 денари за килограм, за правни лица откупувачи на сливи регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица регистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи, кои откупуваа сливи во 2018 година.

„ Владата и МЗШВ имаа  слух кога беше проблемот со откупот на сливи особено во овој регион. После многу одржани средби и консултации со сите засегнати страни,  тогаш за прв пат воведовме дополнителна мерка од 2 денари за килограм откупени сливи, која што Платежната агенција ќе ја исплати до крајот на април. Со воведувањето на оваа мерка се стабилизираше откупот на сливи. Се соочуваме со негативни последици од климатските  промени со многу штети во земјоделството. По препорака на Европската унија, ја трансформираме финансиската  поддршка  за дополнителното производство во основната мерка. И кај сливите и кај праските затоа има зголемување на субвенциите. Од 33.000 на 36.000 денари по хектар, и за развојната категорија на овоштари со насади од 1 до 5 хектари субвенцијата е 39.600 на 42.600 денари по хектар“, порача министерот Николовски на трибината.

При тоа Николовски посочи дека преку мерките од ИПАРД 2 програмата и Програмата за рурален развој ќе се развива преработувачката индустрија во делот на земјоделството, која е важна за обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи и решавање на вишоците од земјоделски производи.

Во делот на сточарството, Николовски посочи дека бројот на добиток изминатите години бележи пад, и затоа сите политики што ги презема МЗШВ во консултација со сточарите се во насока на зголемување на бројот на добиток и развој на целиот сектор. Во врска со актуелната состојба со откупот на јагне, Николовски  потенцираше дека МЗШВ ја следи состојбата и нема да се дозволи сточарите одгледувачи на овци да трпат загуби.

„ Веќе се договараат квоти за извоз на јагнето во Турција, а Агенцијата за храна и ветеринарство  работи на процедурата за извоз на јагне во Израел. Во понеделник и во вторник во МЗШВ ќе има средби со откупувачите на јагне и со здруженијата на одгледувачи на овци, и  ќе реагираме соодветно, нема да дозволиме сточарите да трпат загуби“, порача Николовски, додавајќи дека сточарите имаа низа барања, кои МЗШВ веднаш ги прифати и пристапи кон нивна реализација.

Како клучни, Николовски ги посочи, измените на Законот за пасишта кои се по препорака од Европската унија и ќе придонесат за правилна распределба на пасиштата, тековниот попис на овци и кози што го спроведува АХВ кој што е важен за да се знае точната бројка за правилна распределба на субвенциите и креирање на соодветни мерки,измените на Законот на данокот за додадена вредност кој е проследен до Влада а со кои се намалува ДДВ-то за ветеринарни лекови од 18% на 5%, зголемената вкупна поддршка за набавка на приплоден добиток  на 1,5 милиони евра со измените критериуми по барање на сточарите, зголемена субвенција за предадено овчо и козјо млеко на 4,5 денари за литар, финансиска поддршка за фотоволтаични колектори кои ќе бидат распоредени во бачилата кои немаат електрична енергија и друго.

Николовски информираше дека во следниот период, Платежната агенција ќе започне со склучување договори со општините од над 30 милиони евра за мерките за инфраструктурни проекти од Програмата за рурален развој. На средбата, министерот ги презентираше политиките и реформите во делот на земјишната политика, новите мерки како воведувањето на субвенцијата за набавка на гориво за земјоделска механизација, мерките од националните Програми и од ИПАРД 2 програмата, проектите во водостопанската инфраструктура. Николовски посочи дека исплатата на субвенциите се одвива навремено тогаш кога им се потребни субвенциите на земјоделците, пред почетокот на новата производствена сезона.

Навреме и пред почетокот на новата производствена сезона исплатени се  субвенциите за житни култури во износ од 5,5 милиони евра на 26.300 земјоделци, 16 милиони евра се исплатија за субвенции за одгледувачите на обележани грла кози, овци, говеда и несилки, близу 4,4 милиони евра за основната субвенција за површина за градинарски култури на 11.428 земјоделци, 9 милиони евра за лозарите, 5,5 милиони евра субвенции за одржување на овошни насади на 9.146 овоштари. Или вкупно од почетокот на годинава до сега се исплатени 40,5 милиони евра за субвенции. Од 1-ви јуни 2017 заклучно со 21-ви декември 2018 година, ние исплативме близу 207 милиони евра за субвенции по сите три Програми, односно за директни плаќања, рурален развој и за рибарство и аквакултура.

При посетата во Делчево,  министерот Николовски имаше средби и со земјоделците на градскиот зелен пазар.



Видете следно

Димковски: Со прецизни податоци за земјоделски стопанства до ефикасна реализација на мерките за развој на земјоделството

Денеска заврши имплементацијата на Твининг Проектот „Финализирање на мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства“, …