Николовски: Земјоделците редовно и неселективно ги добиваат своите субвенции


Одговорно водиме грижа за секој земјоделец и преку конкретни мерки даваме поддршка во услови на криза. Успеавме да ги надминеме сите блокади и се донесоа измените на Законот за земјоделство и рурален развој, каде ја одложивме обврската кон УЈП и целосно ги исплативме субвенциите за тутун, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на средба со земјоделци во Долнени, која се одржа на барање и во организација на Асоцијацијата на земјоделци.

На состанокот беа презентираа мерките и политиките кои МЗШВ ги има донесено за поддршка на земјоделците, а се дискутираше и за сите прашања и предлози од земјоделците присутни на средбата.


– Конечно 17.000 тутунари на своите сметки ги имаат заслужените субвенции за реколтата 2021 во износ од 1.3 милијарди денари. Доколку овој закон беше усвоен уште во февруари кога беше поднесен во Собранието и доколку не беше блокиран, овие пари многу порано тутунарите ќе ги имаа на своите сметки, изјави Николовски.

Тој информираше дека со измените кои се извршени на Законот за земјоделство и рурален развој воведена е можност за авансно исплаќање на субвенциите од 30 проценти во рок од 90 дена по аплицирањето. Дополнително, со новиот ребаланс на буџетот за 2022 година предвидени се 2,7 милијарди денари, средства за комплетно исплаќање на редовните и заостанати субвенции кон земјоделците.


– Ги исплаќаме субвенциите и кон сточарите, па така со ребалансот префрламе околу 340 милиони денари на речиси 10.200 одгледувачи на говеда, но и дополнителни 420 милиони денари за предадено млеко во преработувачки капацитети, како мотивирачка мерка за зголемено производство на млеко. Расчистуваме и со заостанатите долгови кон одгледувачите на говеда. Повеќе нема доцнење со исплатата на субвенциите за произведено млеко, а за првпат субвенциите ќе бидат исплатени и во предвидените рокови од Програмата. Ако, на пример, во 2017 година министерството должеше само кон млекопроизводителите цели 9 фази субвенции, со предложениот ребаланс на Буџетот за 2022 година не само што се исплаќаат тековните субвенции, туку целосно се решаваат и заостанатите долгови кон сточарите, појасни министерот Николовски.

По усвојувањето на Ребалансот, следува исплата на 770 милиони денари субвенции кон 3.200 одгледувачи на овци, потоа исплата на околу 66 милиони денари поддршка за 1.800 одгледувачи на кози. Исплата на субвенции е предвидена и за 1.100 одгледувачи на свињи во висина од околу 200 милиони денари. Кај секторот живинарство се предвидени околу 70 милиони денари директна поддршка за бројлери и заклани несилки.


– Го слушаме гласот на земјоделецот и заедно ги креираме мерките водејќи грижа за секој еден земјоделец. Оваа поддршка е од големо значење за земјоделците, но и за домашното земјоделско производство. Грижата за македонскиот земјоделец не смее да биде предмет на блокади и партиски интриги. Земјоделците мора да ги добиваат своите субвенции со цел навремено да започнат со подготовки за ново производство. Секоја блокада значи свесно блокирање на домашното земјоделско производство, а со тоа помалку домашна храна и поскапи производи. Само со заеднички сили можеме интересите на земјоделците да ги ставиме напред, што несомнено е неопходно во услови на светски кризи, потенцираше Николовски.

На средбата министерот Љупчо Николовски беше придружуван од директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, а присуствуваа и претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. ем/цр

Прилеп, 27 јуни 2022 (МИА)


Видете следно

Продолжува „сагата” на поднесување бизарни претставки до АХВ

Сосед ги храни уличните кучиња и мачки кои се собираат во голем број, а потоа …