Нова поддршка од ФИТР – за поттикнување на социјалното претприемништво


Бизнисите на поинаков начин да ги гледаат работите – наместо само кон профитот, да бидат свртени и кон природата, општеството, човекот, а претприемачите, посебно младите, својот иновативен капацитет да го стават во функција не само на својата компанија, туку и на својата заедница. Со овие две клучни пораки денеска беше презентиран првиот Повик за поттикнување на социјалното претприемништво што го реализира Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик” и Бизнис Импакт Лаб.

Повикот предвидува кофинансирање социјални претпријатија кои се фокусираат на минимум една од целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Ќе се бараат решенија кои ќе овозможат ставање крај на сиромаштијата во сите нејзини форми, крај на гладувањето, безбедност на храната, подобрување на исхраната, како и промоција на одржливо земјоделство. Другите цели се обезбедување на инклузивно и еднакво квалитетно образование, и промоција на можностите за доживотно учење на сите. Ќе бидат поддржани и проекти кои имаат за цел постигнување родова еднаквост и охрабрување на жените и девојчињата како и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст преку вработување и пристојна работа за сите.


Како што беше речено на презентацијата, Повикот проектиран на шест милиони денари поддршка, е отворен за здруженија на граѓани, за трговски друштва кои во моментот на аплицирање постојат не повеќе од шест години, како и за тимови составени од две до пет физички лица. Објавен е на 9 септември, а а крајниот рок за аплицирање е на 22 октомври 2021 година до 14.00 часот.

За поединечен предлог проект, Фондот обезбедува до 90 отсто од вкупниот буџет, но максимум 1,5 милиони денари, додека апликантите треба да обезбедат најмалку 10 проценти од вкупниот буџет на проектот. Спроведувањето на проектот може да биде до 12 месеци, но ФИТР врз основа на оправдани околности може да одобри продолжување до шест месеци.

-Горд сум што првпат инвестираме во развојот на социјалното претприемништво и што Фондот првпат нуди решенија за некои од клучните предизвици со кои се соочува социјалното претприемништво во земјата, како недостатокот на поддршка за финансирање и способност за скалирање односно подигање на работењето на следното ниво. Преку овој Предизвик, со создавање вистински деловен модел и стратегија, им помагаме на социјалните претприемачи да создадат модел кој е истовремено влијателен но и финансиски одржлив, рече директорот на ФИТР, Коста Петров.

Главните критериуми според кои ќе се врши оценувањето на предлог проектите, напомена Петров, се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал за примена, односно пазарен потенцијал и влијание на проектот.

-Во случај кога како натпреварувач се јавува тим или здружение на граѓани и чиј предлог проект ја поминал фазата на селекција, натпреварувачот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51 отсто од членовите на тимот, објасни директорот.

Партнерите на Повикот „Паблик” и Бизнис Импакт Лаб ќе обезбедат индивидуална менторска поддршка за избраните натпреварувачи во делот на комуницирањето на импактот, а ќе овозможат и пристап до национални и глобални програми за скалирање на нивните бизниси.

-Капитализмот што го живееме денес не ги даде очекуваните резултати. Напротив, направи големи штети во општествата. Верувам дека овој Повик е насока за создавање поодговорен систем во кој сите ние имам свој удел. Преку Повикот ќе се трасира патеката кон еден ваков систем, но ќе се обезбедат и финансиски инструменти за актуелните социјални претпријатија и оние кои во иднина треба да се развиваат. Ова е на некој начин апел до бизнисите на поинаков начин да ги гледаат работите – наместо само кон профитот, да бидат свртени и кон природата, општеството, човекот. Овој повик воедно ги насочува младите претприемачи и ја култивира нивната намера својот иновативен капацитет да го стават во функција не само на својата компанија, туку ина својата заедница, изјави извршна директорка на „Паблик”, Климентина Илијевски.

Според Кристијан Милески, менаџер и ко-основач на Бизнис Импакт Лаб, ФИТР има јасна цел кога станува збор за подигање на капацитетите на социјалните претпријатија.

-Индивидуалните менторски сесии уште повеќе ке го зајакнат импактот кон кој се стремат претприемачите и ќе биде од особено значење кон нивниот пат за раст и развој како на домашниот, така и на глобалниот пазар, рече Милески.

Процесот на аплицирање за Предизвикот и целата проектна документација се достапни на веб страницата на Фондот: https://fitr.mk/sp. Рокот тече од 9 септември, но промоцијата е денеска поради трагедијата во тетовската модуларна болница. Затоа и рокот за аплицирање, како што истакна директорот Петров, е продолжен за 15 дена. мч/са/

Скопје, 14 септември 2021 (МИА)


Видете следно

Во тек е пријавувањето на бруцоши за сместување во државни студентски домови за студиската 2021/2022 година

Министерството за образование и наука ги потсетува студентите од прва година запишани на јавните и …