Новинарството да биде ослободено од притисоци, а новинарите одговорни кон професијата, апелира СЕММ


Скопје, 3 мај 2020 (МИА) – Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) по повод Светскиот ден на слободата на медиумите повикува на зголемена одговорност во почитувањето на фундаменталните принципи на слободата и независноста на медиумите, како и на заштита на новинарите и медиумските работници во исполнувањето на нивната одговорност за професионално информирање во интерес на јавноста.

– Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности, велат од СЕММ.

Апелираат до власта и институциите секое решение во однос на подобрувањето на состојбите во новинарството да биде направено во координација и усогласено со професионалната медиумска и новинарска заедница.

– Слободата на медиумите, пак, подразбира одговорност и стремеж за вистинито и професионално работење, низ призма на почитување на човековите права и во интерес на владеењето на правото. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување. И во изминатиот период праксата на СЕММ го потврдува присуството на случаи на неетичко информирање. Речиси 80 проценти од пријавените случаи во изминиве месец и половина се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, при што во 30 отсто од нив станува збор за сензационалистичко, еднострано и некоректно информирање на јавноста, нагласува СЕММ.

Во нивното соопштение се наведува дека слободата на медиумите подразбира тие да не бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, но оти искуството покажува дека праксата на одредени политичари и носители на моќ да ги искористуваат медиумите за политички пресметки и калкулации продолжува.

Во насока на поддршка на слободата на изразување и професионалното и одговорно новинарство, СЕММ во текот на мај ќе го објави конкурсот за најдобри стории со фокус на кризата со коронавирусот, а од денеска се приклучува на глобалната кампања на УНЕСКО „Новинарство без страв или наклонетост” чија цел е да се подигне свеста за прашањата поврзани со безбедноста на новинарите, нивната независност од политичко или комерцијално влијание и родова еднаквост во медиумите.


Видете следно

РАКУПЕН – ОНЛАЈН ПРОДАВНИЦА КОЈА Е СПОЈ НА ПРОДАВАЧИТЕ И КУПУВАЧИТЕ

Се на едно место – Ракупен.мк Купувањето онлајн и дигитализацијата одамна се реалност во светот. …