Breaking News

Новите технологии наметнуваат интердисциплинарна настава велат професорите, младите инженери и студентите


„Најголем предизвик во студиските програми се новите технологии. Токму затоа и секој универзитет во државата мора да се стреми кон пофокусирани студиски програми, каде што до израз ќе дојде интердисциплинарноста, знаењата што ги стекнуваат младите да бидат во повеќе дисциплини и да им понудиме базични знаења коишто ќе ги искористат во иднина во процесот на вработување. Развојот на нови технологии и нивната примена за неколку години ќе бара луѓе кои имаат многу широки познавања. Ова се однесува не само за идните генерации студенти, туку и професорите ко ќе предаваат на универзитетите”, вели професорката на ФЕИТ, Христина Спасевска во своето обраќање пред студентите од технички науки на панел дискусијата „Интердисциплинарност како клуч за примена на нови технологии во инженерството”, во организација на Клубот на млади инженери.


Ниту еден млад инженер тоа што ќе го научи во процесот на високото образование не може во целост да го примени во работата, бидејќи по завршување на студиите можеби толку се развиени технологиите што бара нови знаења кај младите во текот на вработувањето, додава Спасевска. Овде клучна улога имаат студиските програми и потребата од квалитетни професори кои ќе ја применат интердисциплинарната настава во процесот на предавањата.


„Тоа најмногу го следиме со ИТ технологиите како пример, но и во останатите сектори. Важно е да придаваме значење на интердисциплинарноста, односно знаењата што ги стекнуваат младите да бидат во повеќе дисциплини”, дополнува таа.

Креативноста е една од најважните особини во интердисциплинарноста, како и умешноста да се применуваат новите технологии во процесот на работењето бидејќи токму тоа го бараат и брзо растечките компании, вели Тина Манолева, претседател на Клубот на млади инженери.


„Инженерите мора да станат интердисциплинарни, бидејќи нивната работа тоа го бара. Всушност, за инженерството, интердисциплинарноста не е опција, бидејќи факт е дека инженерите се практичари на науката, чија што работа бара остварување на оригинална замисла, притоа анализирајќи ја секоја компонента од процесите. Со цел, еден инженер да создава и проектира, посебно во земја како нашата која е во развој, потребно е да има широка примена на интердисциплинарноста во образованието и во практичната работа”, истакнува Манолева.

Учесници на панел дискусијата беа Висар Палоши, градежен инженер и асистент на Факултетот за применети науки при Универзитетот во Тетово, Кристина Кузеска, електроинженер и експерт од областа на енергетиката и Симона Николова, доктор технолог по технологија на каучук и гума и продукт и проект менаџер во Техногума-Николов. Младите инженери учесници на овој панел со студентите споделија искуства од спроведувањето на интердисциплинарноста во процесот на нивната работа, како и предизвиците со кои се соочуваат при работењето.


Клубот на млади инженери е формиран во 2018 година и негова главна цел е здружување на младите инженери во Македонија од разни индустрии, како и интернационално вмрежување.