Breaking News

НП Галичица оставена без финансиска поддршка од државата


Националниот парк Галичица и покрај проблемите со кои се соочува поради загрозувањето на статусот на Охридскиот регион на светско природно и културно наследство на УНЕСКО, не добива финансиска поддршка од државата за управување. Во моментов се финансира од наплата на влезници и од меѓународни донации кои не се загарантирани и постојани и доколку тие средства се намалат или запрат, националниот парк може да се врати кон старите методи на финансирање, односно сечата на дрва, што според сите препораки, не треба да се применува бидејќи националните паркови се природно богатство кое е наменето за екотуризам.


Законот со кој се регулира финансирањето на НП е оскуден, па поради тоа државата законски може да се огради од  финасирање, но се поставува прашањето дали вакво национално богатство треба да биде оставено „само на себе”. Властите тврдат дека бараат начин за воспоставување на нови методи за самофинансирање на националните паркови.


Андон Бојаџи, вработен во НП Галичица, кој воедно е и поранешен директор на Паркот, за МИА изјави дека повеќе од половина од буџетот на националниот парк се пари на германските даночни обврзници и од Фондот Преспа-Охрид ПОНТ.

– Еден од начините на обезбедување средства за заштита на природа согласно Законот за заштита на природа е и од Буџетот на државата, но во Законот е оставено повеќе како можност отколку како обврска, посочува Бојаџи.


 

Во однос на тоа како би се финасирале доколку немаат донации, Бојаџи вели дека би можеле да се вратат на стариот начин, односно преку директно користење на шумите да обезбедат финансиски средства, што не е согласно меѓународните стандарди.


– Од тие причини не сакаме тоа да го сториме, но ако сме принудени ќе треба да се вратиме на таквиот начин на обезбедување на финансиски средства, вели Бојаџи.

Нагласува дека меѓународна пракса е заштитата на природата да се финансира со јавни пари.


Сепак, и покрај финансиските проблеми со кои се соочува Националниот парк Галичица, според она што го кажа Бојаџи, осврнувајќи се на загрозувањето на статусот на УНЕСКО, реализирани се сите препораки произлезени од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и од 2017 и во 2020 година.

Зборувајќи за предизвиците со кои се соочуваат, Бојаџи како најголем проблем ги издвојува дивоградбите, за кои се алармира со години, но за жал, речиси ништо не се презема.

 

– Дел од обврските во кои НП Галичица треба да постапува заедно со други институции на државата не се завршени. Една од клучните работи е урбанизацијата, односно притисокот од урбанизацијата и ЈУ се обидува во континуитет да достави информации и податоци за сите бесправни градби кои се случуваат во моментов, бидејќи имаме и такви, нагласи Бојаџи.

Во однос на нивните обврски околу урбанизацијата во тој регион, Бојаџи рече дека постапување во делот на урбанизацијата и бесправното градење не е надлежност на Паркот.

 

– Но бидејќи ние имаме луѓе кои се континуирано присутни на терен, се обидуваме редовно, континуирано да информираме за сите градежни активности што се случуваат во паркот. Притоа ние немаме надлежност ниту да прашаме дали е со документи или не. Тоа е работа на градежниот инспектор. Ние затоа информираме дека се случува градежна активност и се обраќаме со допис до градежната инспекција, градежен инспектор да изврши инспекциски увид, наведува Бојаџи.

Тој посочува дека се регистрирани голем број бесправни градби и дека се креирани листи на поднесени барања.

Во НП Галичица се вработени само 15 луѓе.

 

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во изјава за МИА вели дека не само Галичица, туку сите национални паркови, за жал, го имаат истиот проблем.

Тој упатува пофалба за управувањето на НП Галичица поради самофинасирањето, односно поради тоа што не применуваат сеча на дрва за финансирање.

 

Министерот нагласи дека прават план со цел да се најдат нови механизми за самофинасирање на националните паркови и се бара начин како државата да обезбеди средства.

– Јас нема да правам разлика меѓу националните паркови во државата, сите се вредни и сите треба да го прават истото. Треба да имаме ист став за сите затоа и е предвидено да најдеме можност да обезбедиме средства за националните паркови и да бидат самоодржливи и сами да управуваат со тие приходи што ги имаат. Тоа ќе биде предлог за во иднина. Имавме неколку состаноци со директорите од неколку национални паркови за да разгледаме можности како тие можат сами да се финансираат и со поддршка од државата и тоа во иднина ќе се случи. Но, сите треба да бидеме свесни дека тоа ќе чини, дали од Буџетот или од тие кои се посетители на локациите, тоа ќе биде одлука на националните паркови и на Влада на крај, вели Нуредини.

 

Тој посочи дека ќе се најде модел за финансирање на националните паркови и за одржлив екотуризам во земјата.

– Парите од европските проекти да бидат само плус за тие да се развиваат повеќе, но не да зависат од тие пари, туку да имаат модел за финасирање внатре во државата, а од надворешни донатори да имаат плус придобивки, истакнува Нуредини.

Осврнувајќи се на новиот закон за заштита на природата, со кој се регулира и начинот на финансирање на националните паркови, министерот очекува да се појасни како ќе се финасираат националните паркови. Тој наведува дека откако ќе се усогласат со националните паркови за тој дел ќе ја информираат јавноста за одлуката.

– Со новиот закон ќе биде многу јасно како ќе се финансираат националните паркови, истакнува Нуредини.

Финансирањето преку сеча на дрва, што според сите стандарди е неприфатливо, според Нуредини, треба да се искорени.

 

– Идејата е да имаме заштитени зони. Да не се сечат дрва заради финансирање на националните паркови, туку само поради старост или болест. Идејата е тие делови да се користат за екотуризам којшто бара да имаме дрва, да имаме шуми во заштитените зони, појаснува министерот за животна средина и просторно планирање.

Во однос на дивоградбите, Нуредини посочува дека со новиот закон за легализација, којшто е во собраниска процедура, ќе мора да се добие одобрение од Министерството за животна средина и просторно планирање за сите градби во заштитените зони како што се националните паркови дека немаат негативно влијание врз животната средина.

Нуредини нагласува дека дивите градби се општинска обврска и оти тие како Министерство носат закони кои мора да се почитуваат.

НП Галичица е прогласен за Национален парк од 1958 година. Овој парк опфаќа делови од планинскиот масив Галичица, со крајбрежните простори на Охридското и Преспанското Езеро. Површината што ја зафаќа изнесува 22.750 хектари.

Симона Митровска

ФОТО: МИА Архива