Нуредини: Бизнисите мора и треба да бидат водечки во енергетската транзиција во регионот


Претставници од владиниот, граѓанскиот, академскиот и приватниот сектор од регионот на Западен Балкан денеска дебатираа за можностите како бизнисот да се најде во првите редови на енергетската транзиција. Тркалезната  маса на тема „Можностите и предизвиците за бизнис секторот од воведување механизми за оданочување на јаглеродот во регионот на Западен Балкан” се одржа во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, Мрежата за климатска акција на Европа (CAN Europe) и Центарот за истражување и информирање за животната средина – Екосвест.

Со оглед на потребата од брза климатска акција и декарбонизација на деловниот сектор, со оваа тркалезна маса се обезбеди платформа за препознавање на неговата клучна улога во енергетската транзиција на Западен Балкан и значењето за неговото рано вклучување во креирањето на соодветните политики, информираат од МЖСПП.


– Активното и навремено вклучување на бизнисите, а особено енергетски интензивните и енергетско производствените, во остварувањето на целите за декарбонизација како чекор напред кон постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година, не само што е корисно за општеството, туку може да биде и економски исплатлив, рече  министерот Насер Нуредини, поканувајќи го бизнис секторот да ги сподели добрите искуства и главните поттикнувачки мерки како преминот кон позелени индустриски пристапи да се изведе на најефективен, праведен и успешен начин во регионот.

На дискусијата беа разгледани деловните можности и предизвици на енергетската транзиција, можните добри прилики и ефекти од оданочувањето на јаглеродот, како и потребата за подготовка на приватниот сектор за одговарање на обврските поврзани со климатските цели за 2030, Патоказот за декарбонизацијата на Енергетската заедница, Софиската декларација за Западниот Балкан и ЕУ механизмот за гранично прилагодување на емисиите на јаглеродот.


Со свои излагања се вклучија претставници на водечки компании од енергетскиот и другите јаглеродно-интензивни индустриски сектори од Западен Балкан., претставници од Црна Гора, од домашните компании Цементара УСЈЕ, Титан Скопје, Макстил, но и од научната фела што учествуваше во анализите и израбoтката на можните сценарија, како и при моделирање и креирање на националните политики и климатски цели.

– Патеките кон постигнување на целите за климатска неутралност мора да бидат сеопфатни и правични. Во постигнувањето на овие цели, императив е секоја засегната страна да преземе одговорност за своите постапки, вклучително и индустриите интензивни за јаглерод. Рана транзиција кон решенија без фосили, не се само можност за ублажување на климатските промени, туку се и можност за економијата преку адаптирање и прилагодување на бизнис моделите да го минимализира влијанието на транзицијата и да обезбеди долгорочна одржливост, порачаа организаторите



Видете следно

Финансиско ветување за борба против кризата со храна на крајот на Самитот на Г7

Групата богати нации Г7 се очекува денеска да го заврши својот тридневен самит на Баварските …