Обновена соработката во одбраната со Грција: Штабни разговори на делегации од двете министерства, средба со министерката Шекеринска


Делегација од Министерството за одбрана на Грција предводена од комодор Мајкл Наум во Скопје одржа штабни разговори со експертски тим од Mинистерството за одбрана, предводен од полковник Зоран Секуловски. Се разговараше за продлабочување на соработката во одбраната меѓу двете земји, која во изминатите четири години беше на скромно ниво. Унапредувањето на соработката беше иницирано од министрите за одбрана на двете земји, Шекеринска и Апостолакис, на средбата минатиот месец во Брисел.

Тимот од Грција денеска беше примен на средба кај заменик – претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Таа изрази задоволство од подготвеноста на одбраната на двете земји, да покаже на дело дека Договорот од Преспа ги отвора можностите за соработка, во интерес на граѓаните.

– Одлука на двете влади е да ја засилиме соработката, да ги промениме односите меѓу двете земји и да им додадеме содржина и пријателство. Отворената и динамична дискусија за продлабочување на соработката на двете делегации покажува дека Армиите се први кои одговорија на политичкиот повик да ги отворат можностите за соработка во интерес на граѓаните од двете држави – соседи. Каналот на соработка е отворен, мораме да го надоместиме изгубеното време – рече министерката Шекеринска.

Комодор Мајкл Наум, во име на грчката делегација, рече дека штабните разговори не се бирократски туку суштински процес на унапредување на соработката во одбраната. Тој рече дека грчката Армија е подготвена да ги реализира плановите за продлабочена соработка со Армијата на Република Северна Македонија, по насока на министерот Апостолакис, а во интерес на двете соседни земји. Потенцираше дека потенцијалот за соработка е огромен.

Штабните разговори на експертските тимови се првиот чекор во интензивирањето на соработката во одбраната со Грција. Засилената соработка беше иницирана минатиот месец, од министрите за одбрана на двете земји, Шекеринска и Аполстолакис, кои се сретнаа во Брисел на маргините на состанокот на Северноатлантскиот совет. Двајцата министри се согласија дека соработката ќе биде интензивирана на билатерален, регионален план и во рамките на НАТО. По таа средба, министерката упати покана до својот грчки колега Апостолакис која се очекува набрзо да се реализира. Тоа ќе биде прва официјална средба при официјална посета, на министри за одбрана на двете земји, по 16 години.


Видете следно

Автентичното толкување на член 14 од Законот за данок на додадена вредност ќе даде позитивен импулс за натамошни инвестиции во ИКТ индустријата

Автентичното толкување на член 14 од Законот за данок на додадена вредност од страна на …