Од денеска ќе се казнува неносењето на заштитна опрема


Скопје, 1 мај 2020 (МИА) – На 1, 2 и 3 мај односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движење на граѓаните од 05 часот наутро до 14 часот, носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, а нејзино непочитување од денеска ќе се казнува прекршочно, соопшти Владата.

-Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро следниот ден. За лицата над 67 годишна возраст, во петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот. Сите деца и млади лица до 18 години, во петок, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12:00 до 14:00 часот, информира денеска Владата.

Оттаму посочуваат дека остануваат на сила сите други мерки за заштита од КОВИД-19 донесени од Владата, како и задолжителното носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.

-Носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метри меѓу граѓаните. Заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор на станбена семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, (но со задолжително одржување на дистанца од два метри растојание), ако патуваат во моторно возило со лица кои заедно живеат, како и ако се наоѓаат на отворено каде може да одржуваат дистанца од два метри, посочува Владата.

Непочитувањето на Уредбата за носење на заштитна опрема, како што информира Владата, од денеска ќе се казнува прекршочно. Предвидени се казни во висина од 20 евра во денарска противвредност за физичките лица, а за компаниите каде не се почитуваат мерките за носење заштитна опрема за вработените и посетителите, предвидена е казна од 2.000 евра во денарска противвредност.

Посочуваат дека на сила е и забраната за групирање на повеќе од две лица на јавни површини, при што во група од двајца не се вбројуваат децата под 14 години на тие лица, но овој исклучок важи само за термините кога е дозволено движење на млади лица, надвор од полицискиот час.


Видете следно

Петнаесеттина странски медиуми акредитирани за известување од изборите

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија ќе ги следат новинарски екипи од петнаесеттина странски медиумски …