Одржана 34. сесија на Клубот на истражувачите


На 20 септември 2019 година во Народната банка се одржа 34. сесија на Клубот на истражувачите, на која по поздравното обраќање на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска беа презентирани истражувачките трудови „Детерминанти на (не)активноста на жените на пазарот на труд во Западен Балкан: Компаративен преглед на медитерански земји со земји од Југоисточна Европа” од Марија Андонова и Никица Мојсоска-Блажевски и „Монетарна наспроти макропрудентна трансмисија – ефикасност и ефективност: наоди од банкарските сектори од Централна и Југоисточна Европа” од Милан Елисковски и Неда Поповска-Камнар.

Во првиот презентиран труд, Андонова и Мојсоска-Блажески имаат за цел да ги испитаат детерминантите коишто влијаат врз активноста на жените на пазарот. Притоа, посебен акцент е ставен на оцена на ефектот на културниот контекст врз одлуката на жената дали ќе учествува на пазарот на труд или не. Впрочем, согледбите на Андонова и Мојсоска-Блажевски  за влијанието на културата на средината врз одлуката на жената за нејзиното учество на пазарот на труд се клучниот придонес којшто тие преку ова истражување го даваат за стручната литература. Методологијата на истражувањето од коешто произлегува трудот се заснова на претходно истражување на Данте Контрерас и Гонсало Пласа, од 2010 година. Особено значајно е што Андонова и Мојсоска-Блажевски даваат и компаративен преглед во кој се земени предвид неколку земји од Југоисточна Европа, меѓу кои е и Северна Македонија, како и земји од Медитеранот.

Презентирајќи го трудот во име на двете авторки, Андонова особено се осврна на резултатите коишто според нивните согледби покажуваат дека културниот контекст во кој жената ја носи својата одлука за учество на пазарот на труд е важна детерминанта за тоа каква одлука таа ќе донесе. Според оцените на Андонова и Мојсоска-Блажевски, сознанието за влијанието на културниот контекст врз одлуката на жената за нејзината деловна (не)активност е важно за создавање обезбедување на државната помош, како и за осмислување на стратегијата за промоција на активноста на жената на пазарот на труд.

Во вториот презентиран труд, Милан Елисковски и Неда Поповска-Камнар имаат за цел емпириски да ги истражат ефектите на вишокот капитал над законскиот минимум како показател на промените во макропрудентната политика и ефектите на референтната каматна стапка како мерка на монетарната политика, врз каматниот распон и кредитирањето на компаниите и домаќинствата. Истражувањето е спроведено со примена на економетриски техники за анализа на панел-податоци за банкарските системи на Полска, Северна Македонија, Србија, Унгарија, Хрватска и Чешка, за периодот од првото тримесечје од 2005 година до четвртиот квартал од 2017 година.

Резултатите до коишто имаат дојдено Елисковски и Поповска-Камнар укажуваат дека двете политики имаат влијание врз каматите и кредитирањето на компаниите и домаќинствата. Но, како што посочи Елисковски во презентацијата, наодите од истражувањето презентирани во трудот треба претпазливо да се толкуваат, особено во делот на макропрудентната трансмисија, со оглед на тоа што агрегатниот показател за вишокот на капитал над законскиот минимум е индикативен показател за макропрудентни мерки.

Изнесените видувања и заклучоци во презентациите кај присутните на сесијата поттикнаа дискусија за повеќе прашања поврзани со темите на двата труда, коишто не се многу обработувани во нашата средина. Притоа, меѓу другото беше истакнато дека вакви истражувања на теми коишто се важни, а не многу присутни во домашната истражувачка активност, секогаш е добро да бидат презентирани пред стручната фела.


Видете следно

ЕЦБ: Бугарија и Хрватска треба да направат повеќе пред да го воведат еврото

Бугарија и Хрватска се уште имаат работа за стабилизирањето на своите економии и подобрувањето на …