Одржана редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ


На 11 септември 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка во август годинава, на оваа седница, Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75%. На седницата, исто така, беше одлучено понудата на благајнички записи, за аукцијата која ќе се одржи на 12 септември 2018 година, да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Општо земено, и на оваа седница, Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти, видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната база на банките.

Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Согласно со објавените проценети податоци, по слабиот раст во првиот квартал, во второто тримесечје, растот на БДП значително забрза на 3,1%, што сепак е нешто пониско остварување во споредба со проекцијата. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата и во овој квартал од годината.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари – август, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,5%, што претставува надолно отстапување во однос на априлската проекција. Во услови на послаби остварувања, но и нагорна ревизија на надворешните влезни претпоставки кај проекцијата на инфлацијата, се оценува дека ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2018 година се урамнотежени.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст во однос на крајот на претходната година, за што во голем дел придонесуваат и интервенциите со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Растот кај девизните резерви е нешто повисок од очекуваниот со априлската проекција, а анализата на показателите за адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се одржуваат во сигурната зона. Расположливите показатели од надворешниот сектор засега се ограничени. Податоците за надворешнотрговската размена за периодот јануари – јули, главно укажуваат на движења во согласност со априлската проекција, додека расположливите податоци за менувачкиот пазар покажуваат повисоки нето-приливи. Во однос на остварувањата во билансот на плаќања, податоците за второто тримесечје упатуваат на подобри остварувања и кај тековните и кај финансиските трансакции во однос на априлската проекција.


Видете следно

Одржана редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ

На 13 ноември 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика …