Breaking News

Официјално отворање на ФабЛаб Скопје


Во Машински Факултет – Скопје (МФС) денеска официјално ќе биде отворено ФабЛаб Скопје, кое се очекува да има голем ефект врз младата популација како место каде ќе можат да ја изразат својата креативност, да бидат иновативни и да започнат да размислуваат претприемачки.

ФабЛаб-от се формира како платформа со која технологиите на производство ќе се доближат и до учениците од средните училишта, не само студентите од техничките факултети.


– Со тоа младите во соработка со стручни технички лица ќе може своите идеи да ги претворат во реален дизајн, односно прототип. Освен можност за работа со нови машини и уреди, младите ќе имаат пристап до најважното – знаењето, кое во ФабЛаб Скопје ќе може да го добијат преку тематски обуки, тимски работилници и лични средби. Со стекнување на нови вештини и знаења, корисниците на ФабЛаб Скопје ќе имаат можност да ја испланираат својата идна техничка кариера, да ги надополнат своите моментални капацитети и да станат поатрактивни како работна сила на пазарот на трудот, информираат од Машински Факултет – Скопје.

Како што најавуваат од МФС, на отворањето на ФабЛаб ќе се обратат проф. д-р Биљана Ангелова, проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Фестим Халили, директор на ФИТР, проф. д-р Дарко Данев, декан на МФС и вон. проф. д-р Бојан Јованоски, ко-координатор на ФабЛаб Скопје.фф/лв/


МИА