ОФИЦИЈАЛНО ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА „60 ГОДИНИ ВИТАМИНКА“


Вчера,16.01.2019, во Стопанската комора на Македонија промовирана е монографијата „60 години Витаминка“, чиј автор е Тачко Локвенец. Монографијата е посветена на успешната приказна за 6 децениското постоење на овој национален бренд, како и личниот придонес на Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на „Витаминка“ АД – Прилеп и неговиот ангажман за растот и развојот на компанијата.

– Моето 44-годишно работно искуство во „Витаминка“ ме научи дека внимателното, грижливото и домаќинското работење секогаш се исплати. Имало различни моменти во мојата кариера – и лесни и тешки. Но, секогаш сум имал среќа околу себе да имам одлични соработници, вработени и колеги кои верувале на одлуките на раководството и бескомпромисно се посветувале на обврските, работејќи одговорно. Сите овие човечки вредности заедно со потенцијалите и искористувањето на технолошките капацитети придонесоа денес „Витаминка“ да биде еден од најуспешните прехранбени производствени капацитети – лидер на македонскиот пазар и во регионот, пошироко. Со гордост можам да кажам дека „Витаминка“ АД – Прилеп денес претставува вистински репрезент на квалитет и успех, – изјави Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на „Витаминка“ АД – Прилеп.
– Успехот на „Витаминка“ несомнено е врзан за успехот на првиот човек на компанијата како претседател на Одборот на директори, кој сам по себе претставува бренд, ако се следи неговиот деловен развој паралелно со развојот на една од најуспешните македонски компании, лидер во прехранбената индустрија и производител со европски квалитет, – истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

При тоа, тој посочи дека, зборувајќи за периодите на развој на „Витаминка“ од страна на Симон Наумоски на денешната промоција на монографијата може да се забележи дека успехот на компанијата се темели на неколку клучни одлуки што ги донел како лидер. Прво, воспоставил квалитетна кадровска структура, второ, упорноста е значаен сегмент во креирањето и реализирањето на деловната политика и трето, фокусот на развој на компанијата го темели на изнаоѓање нови пазари во светот.

На свечената промоција на монографијата „60 години Витаминка“ присуствуваа голем број познати македонски стопанственици и претставници на бизнис секторот од Македонија, кои со своето присуство го потврдија негувањето одлични деловни односи на „Витаминка“ АД – Прилеп.

Успешната приказна на „Витаминка“ започнува во далечната 1956 година како компанија за производство на мелен црвен пипер. Во 1974 година, со развивање на нови производи, отворање нови пазари и континуирани инвестиции во производството, компанијата започнува да го гради својот пат кон успехот, прераснувајќи во лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар. Покрај зацврстувањето на позицијата на домашниот пазар, истовремено, „Витаминка“ АД – Прилеп преку своите продукти станува сѐ поприсутна и на странските пазари, пласирајќи околу 45% од своето годишно производство во повеќе од 30 земји во светот. Заедно со позитивниот удел во националната економија, од голема важност е и значењето на „Витаминка“ АД – Прилеп во унапредувањето на локалната економија преку големиот број вработени и дополнителниот синџир на соработници.


Видете следно

Струга по 58- ми пат ќе стане сцена на една од најголемите и најпрочуените културни манифестации во земјава

Струга задутре, 21 август, по 58- ми пат ќе стане сцена на една од најголемите и …