Охридската цреша ќе се извезува надвор од Балканот


Охридската цреша ќе се извезува на пазарите надвор од Балканот, а со тоа се очекува и повисока откупна цена, смета Ванчо Стојаноски од земјоделската задруга „Охридска черешна”.

По затворањето на рускиот пазар, каде години наназад се пласираа црешните од охридскиот регион, земјоделците стравуваа за продажбата, но и цената, бидејќи околните пазари се мали и неможат да го откупат целото производство.


Според Стојаноски, бербата на цреши почнала во селото Лескоец, а за една недела се очекува и во селата Лакочереј и Орман, додека плантажите кај Требеништа малку покасно стасуваат.

– Сега цената е околу 80 денари, очекуваме да се спушти за 10 до 15 денари до крајот на откупот. Се надевавме на малку повисока цена од лани, вели Стојаноски.


Пред еден месец, нагласи, имал инфорација дека охридската цреша ќе се извезува за шведскиот пазар, со што очекува и повисока цена.

– Доколку останеше на Балканскиот пазар цената ќе беше драстично пониска. Црешата во маркетите е доста скапа после бербата, бидејќи се складира во ладилници и е релативно поскапа за пазарот од Западен Балкан. Во Европската унија и Русија минатите години килограм цреши во маркетите се продаваше по седум до осум евра, истакна Стојаноски.


Според него, црешата е профитабилно овошје, но треба да се внимава на одгледувањето и бербата за повисок квалитет што ќе резултира и со повисоки цени.

Во охридскиот регион годинава се очекува да се наберат над 600 тони цреши, а производителите ќе бидат задоволни доколку крајната цена не падне под 70 денари. сс/са/

Охрид, 23 јуни 2022 (МИА)


Видете следно

Сончево и топло, попладне појава на пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во попладневните …