Окоњо-Ивеала ја презеде должноста генералнa директорка на СТО


Нгози Окоњо-Ивеала денеска официјална ја презеде должноста генерална директорка на Светска трговска организација (СТО).

Окоњо-Ивеала е прва Африканка и прва жена на чело на СТО.

– Доаѓам во една од најважните институции во светот и имаме многу работа. Подготвена сум за тоа, изјави Окоњо-Ивеала.

Таа е економистка и експерт за меѓународни финансии и развој и се смета за квалификуван преговарач и градител на консензус, со искуство собрано во Африка, Азија, Европа, Латинска Америка и Северна Америка.

Окоњо-Ивеала помина 25 години како економист за развој во Светска банка, при што таа брзо се искачи по скалилата и стана извршен директор за операции.

Таа беше предводник на неколку иницијативи на Светска банка за помош на земјите со ниски примања, како за време на кризата со храна, така и при финансиската криза), генерирајќи повеќе од 40 милијарди долари за Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).

Окоњо-Ивеала двапати беше министерка за финансии на Нигерија (2003-2006 и 2011-2015) и кратко работеше како министер за надворешни работи во 2006 година. Таа беше првата жена во Нигерија која била на двете позиции.

Како министерка за финансии, Оконњо-Ивеала спроведе сеопфатна програма за економски реформи што ја стабилизира макро-економијата на најнаселената африканска земја, тројно ја зголеми стапката на економски раст и поттикна поголема фискална транспарентност за борба против корупцијата.

Нигеријците ја сметаат Окоњо-Ивеала за жената што ја спаси осакатената економија на нивната земја.
Таа се стекна со диплома за економија на Универзитетот Харвард (1976), дипломирајќи со високи почести (Magna Cum Laude) , докторат одбрани на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) и има 15 почесни дипломи од универзитети низ целиот свет.

Окоњо-Ивеала е автор на бројни книги и статии за финансии и економија.

Транспаренси Интернешнл ја прогласи за една од осумте инспиративни борци против корупција во 2019 година, додека списанието „Fortune” ја нарече една од 50-те најголеми светски лидери во 2015 година.

Окоњо-Ивеала (66) е омажена, има четири деца и има три внуци. ми/

Женева, 1 март 2021 (МИА) 


Видете следно

За еден ист стан во Скопје капар плаќаат тројца купувачи, пријавен агент за недвижности

По неколку години, повторно манипулација со продавање на станови. За еден ист стан во Скопје, …