ОН: Стапката на сиромаштија во Авганистан во 2022 година може да достигне 97 отсто


Стапката на сиромаштија во Авганистан би можела да се зголеми до 97 проценти до средината на следната година поради намалувањето на БДП како резултат на нарушувањата во трговијата и проблемите со финансискиот систем. Таквата проценка е содржана во извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации.

Специјалистите на меѓународната организација составија четири сценарија за развој на настани, во кои намалувањето на реалниот БДП на земјата може да варира од 3,6 отсто до 13,2 отсто. Ако БДП падне за 13,2 отсто, стапката на сиромаштија ќе се зголеми за 25 процентни поени (во споредба со 2020 година) на 97 проценти. Во најоптимистичкото сценарио, растот на сиромаштијата ќе биде само 7 процентни поени – до 79 проценти.


„Смената на власта во земјата по 15 август доведе до сериозна економска нестабилност и атмосфера на неизвесност. Нарушувањето на врските меѓу домашниот и меѓународниот пазар имаше негативно влијание и ги зголеми трошоците”, се наведува во извештајот.

Американските власти ги замрзнаа средствата на авганистанската централна банка, „вклучувајќи повеќе од 9 милијарди долари резерви во САД”, се вели во документот.

„Странската помош, инвестициите и трговијата речиси се прекинати, што претставува тешка финансиска состојба за земјата каде што странската помош покрива 75 отсто од буџетските расходи во последните години”, се додава во извештајот.

Покрај тоа, Авганистан се соочува со продолжена суша и негативно влијание на пандемијата, пишува на веб -страницата на Програмата за развој на ОН. паг/

Кабул, 10 септември 2021 (МИА)


Видете следно

Вечерва во 24:00 часот истекува рокот за регистрирање и поднесување корегирани ценовници од медиумите

Вечерва во 24:00 часот истекува рокот до кога радиодифузерите кои се претходно регистрирани во Државната …