ОПЕК+ нема да го зголемува производството на нафта, очекува цените да не растат дополнително


Цените на нафтата, кои достигнаа највисоко ниво во последните неколку години, најверојатно нема дополнително да растат, изјави денеска ирачкиот министер за нафта Ихсан Абдул Џабар на енергетска конференција во Москва.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Русија и нивните други сојузници, познати како групата ОПЕК +, минатата недела одлучија да се држат до својот план за зголемување на производството за 400.000 барели дневно во ноември, и покрај повиците за зголемување на испораката на повисоко ниво.


Ова доведе до скок на цените на нафтата на највисоко ниво во последните три години и ги засили инфлациските притисоци на глобално ниво.

– Пазарот треба да биде балансиран. Сметаме дека цената нема да се зголеми понатаму, рече Џабар на прашањето дали ОПЕК +, поради ситуацијата на пазарот, треба да го зголеми производството повеќе од планираното.


Северноморската нафта „брент” денеска се тргува по 83 долари за барел.

Во врска со повикот на големите потрошувачи на „црно злато”, како што се САД и Индија, упатен до нафтениот картел за зголемување на испумпувањето, вицепремиерот на Русија и главниот преговарач на Москва во групата ОПЕК +, Александар Новак, рече дека ќе се придржуваат до својот план.

– Работиме согласно договорениот распоред. Заедничкиот договор е дека зголемувањето изнесува 400.000 барели дневно, рече Новак на прашањето дали имаат намера да го зголемат производството на нафта над планираното ниво со цел да го „оладат” ненадејниот пораст на цените.

Извори блиски до групата ОПЕК + велат дека сојузот се држи до својот оригинален договор делумно поради загриженоста дека побарувачката и цените може да се намалат. јт/зш/

Москва, 13 октомври 2021 (МИА)


Видете следно

Горивата поскапуваат за денар

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) …