Општина Кочани направи ребаланс на буџетот за да плаќа сметки за струја


Советот на Општина Кочани даде согласност за ребаланс на буџетот на локалната самоуправа за да се обезбедат средства со кои ќе се покријат зголемените трошоци за електрична енергија до крајот на годината.

Зголемувањето на расходната ставка за оваа намена е за близу 100 отсто, односно од првично планираните 13,8 милиони денари, со ребалансот се пренаменија вкупно 27,3 милиони денари. За да се обезбедат средствата, драстично се намалени капиталните расходи, главно за изградба и одржување на улици и локални патишта во општината, пред сè, во руралните средини и во Ромското маало во Кочани.


-Основната цел на непопуларната мерка за ребаланс на буџетот по изминатите три месеци е да се обезбеди можност за плаќање на сметките за електрична енергија. Во буџетот имавме само уште 1,4 милиони денари за да можеме да ја платиме следната сметка и ако Советот не даде поддршка за ребалансот, ќе изградиме улици, но ќе нема осветлување, ниту во селата, ниту во градот. Според актуелните цени на струјата, ќе бидат потрошени десетина милиони денари за јавното осветлување. Ако успееме да го формираме јавното претпријатие за набавка на енергија, изградба и одржување на осветлувањето, што веќе го планираме, ќе набавуваме струја на регулираниот пазар и ќе заштедиме средства, што потоа ќе ги пренамениме за развојните програми за кои сега се прави намалувањето, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Средствата што се обезбедија со ребалансот на буџетот се наменети за покривање на трошоците за струја на објектите на локалната самоуправа, на училиштата, библиотеката и другите јавни институции чиј основач е Општина Кочани.


По предлог на опозициската советничка група во Советот ставката од еден милион денари за привремени вработувања беше пренаменета за капитални расходи, односно за реализација на дел од планираните проекти за изградба на улици во селските населби. та/лв/

Кочани, 5 мај 2022 (МИА)



Видете следно

Општина Штип ќе ангажира 30 лица со ниски квалификации

Општина Штип ќе вработи 30 лица со ниски квалификации. Тие ќе бидат вклучени во проекти …