Оризопроизводителите договорија исплата на редовните субвенции, но и дополнителна поддршка за засеана површина


На оризопроизводителите од Кочанско ќе им бидат исплатени редовните субвенции, а ќе добијат и дополнителна интервентна финансиска поддршка по засеана единица површина. Поради тоа земјоделците ги ставаат во мирување протестите и блокадата на патиштата.

Претставници на Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделци денеска оствариле средба со надлежните во Министерството за земјоделство, при што е договорено субвенциите да бидат исплатени до крајот на годината, а министерот Аријанит Хоџа уште еднаш да разговара со претставниците на откупните претпријатија околу откупните цени.


– Има првичен договор да бидат исплатени основните субвенции, плус да се обезбедат по 18 илјади денари за хектар. Се работи за дополнителни субвенции, односно наместо најавените по три денари за килограм, парите ќе се исплатат за засеана површина, за да не се чека откупот на арпата. Причина за тоа е што динамиката на откупот ќе биде бавна, а исплатата на субвенциите да се реализира до крајот на декември. Што се однесува до откупните цени, министерот најави дека деновиве повторно ќе се сретне со откупувачите, а резултати од разговорите очекуваме идната недела, истакна Ставре Јанев од Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделци.

Додаде дека единствена цел на земјоделците е да добијат откупни цени што ќе бидат одржливи и ќе овозможат економска оправданост на производството на ориз. Доколку тоа се оствари, тогаш субвенциите што ги добиваат од државата ќе бидат сосема доволни.


Средбата во Министерството за земјоделство е по барање на земјоделците, еден ден откако тие го блокираа магистралниот пат Кочани – Штип и се заканија со радикализирање на протестите. та/бак/

Кочани, 13 октомври 2021 (МИА)


Видете следно

Жито Лукс со донација се вклучи во кампањата „Помислете и на нас“ на Црвен крст

Жито Лукс денес во Организацијата на Црвениот крст донираше 50 пакети со брашно од по …