Османи и Поповски учествуваа на првата од серија работилници за изработка на Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси


Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, учествуваа на првата од серија работилници за изработка на Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, што вчера се одржа во „Холидеј Ин“, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Областа за која денес разговараме – борбата против организираниот криминал и корупцијата, особено во насока на имплементацијата на принципот на Владеењето на правото, претставува една од најважните области за Европската Унија, и ова сум го повторил повеќе пати, област за која земјите – членки на ЕУ имаат низок степен на толеранција за евентуален неуспех“, истакна Османи во своето обраќање, именувајќи ја притоа борбата против организираниот криминал и корупција како континуиран бенчмарк за кој потенцираше дека ќе се бара постојан напредок и за време на преговорите, но и потоа како членки на Унијата.

„Стартот на преговорите почнува со поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права, каде најголемо внимание има токму оваа област – борбата против организираниот криминал и корупција. Како што знаете, ова поглавје се отвора прво, но се затвора последно, бидејќи е ова најважната област по која Европската Унија го цени напредокот на земјите“, додаде Османи.

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски во своето обраќање потенцираше дека политичката волја за ефикасно решавање на овие прашања, како и воспоставен систем за ефикасна институционална борба со корупцијата и судирите на интереси, се неопходност доколку не сакаме, корупцијата, како општествена болест да ги опфати сите витални делови на заедницата и да биде закана за нејзиниот развој.

Понатаму тој истакна дека одговорноста, инклузивноста и транспарентно работење се во основата на превенција од корупцијата и дека Владата на РСМ која е на врвот во регионот според индексот на отвореност, неодамна усвои и Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата со цел за јакнење на интегритетот на институциите и на довербата на граѓаните во нивната работа.

„Со изборот на непартизирана антикорупциска комисија беше поставен еден од темелите на реформите на правосудниот систем . Со таа цел се дизајнираше и новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси.

Државната комисија за спречување на корупцијата е зајакната логистички и финансиски. Ја менуваме перцепцијата во јавноста, постои политичка волја и подготвеност на Владата за справување со корупцијата во државата“, додаде Поповски.

На оваа прва работилница, воведни обраќања имаа и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска и проф. д-р Методиј Чепреганов.

По завршување на работилниците, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе пристапи кон анализа на добиените информации, по што ќе се подготви Национална стратегија за спречување на корупцијата и конфликтот на интереси 2020-2024 со Акционен план за нејзино спроведување, со прецизни рокови и со утврдување на клучните индикатори за следење на имплементацијата.



Видете следно

Одржана 35-тата седница на Советот на Општина Центар

Советот на Општина Центар, вчера ја одржа редовната 35-та седница. Од 23-те точки на Дневниот …