Breaking News

Османи: На Русија и одговара да ги држи живи конфликтите на Балканот


Руската Федерација е еден од факторите на кои им е од интерес да се одр жат живи конфликтите во овој регион, со цел полесно да може да се манифестира влијание. Па така и последната ескалација меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт, истакнува министерот за надворешни работи Бујар Османи.


Во интервју за Радио Слободна Европа Османи прашан дали смета дека руската разузнавачка служба ги „поткопува” македонско-бугарските односи вели дека нема такви директни информации.


-Јас немам такви директни информации, меѓутоа дека има интерес на трети фактори да се одржат живи конфликтите во овој регион, некогаш и замрзнати, со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион, тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку воопшто на Западен Балкан, така што сигурно последната ескалација ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт. Дали е тоа во наш интерес? Јас не се согласувам, вели Османи.

Во однос на повлекувањето на бугарскиот амбасадор од земјава вели дека не може да ги коментира причините за тоа.


-Не би можел да коментирам за причините, бидејќи освен тоа што не имаат информирано со нота и кажуваат јавно, меѓутоа доколку е поврзано со инцидентот којшто се случи во Охрид, јас тоа би го сметал за диспропорционална реакција бидејќи, тоа прво е индивидуален инцидент, за кој државата ги презеде сите можни мерки. Ги идентификуваше веднаш сторителите, еден е во притвор, имаше осуда веднаш од страна на претседател, премиер, министер за надворешни работи. Јас отидов во Софија, го изразивме тоа што треба државата да го покаже кон наш државјанин и граѓани, така што навистина не гледам што би било поврзаноста меѓу едниот случај и реакција, истакнува Османи.

Смета дека генерално институциите реагирале онака како што треба да реагира државата во вакви случаи.


-Ниту може еден таков индивидуален инцидент да се генерализира и да се извлечат заклучоци во однос на тоа како се однесува државата кон заедниците. Република Бугарија влегува во изборен процес. Тие имаат избори на 2 април, а веќе две години нема политичка влада и тоа е навистина отежнувачки фактор, бидејќи изборите обично ги комплицираат сензитивните прашања и не даваат простор за дипломатите, за тие што треба да ја одржат комуникацијата да си ја завршат работата како што треба. За жал, и кај нас има политиканство во тој дел, затоа коментирав сезоната на провокатори, насилници и политички профитери е отворена и сега секој е влезен во акција, но ние мора да ставиме стоп на тој циклус на меѓусебно влошување на односите и да ја вратиме позитивната агенда, смета Османи.

Прашан дали државниоит врв се координира во активностите што ги презема за евентуално забранување на влез на бугарски политичари и граѓани кои го навредуваат македонскиот народ, неговите чувства и идентитет, Османи велии дека веќе се одвиваат такви координации.


-Мислам дека тие координации веќе се одвиваат. Мојата цел повеќе беше да се наметне принципот, чија цел е да се прекине овој циклус на меѓусебни препукувања, провокации итн, истакнува Османи.

Посочува дека со последните настани и со барањето на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да му се забрани влез во земјава на 4 февруари, денот на роденденот на Гоце Делчев поради можност за провокации, нашето општество само му дава шанса уште денаш да биде избран за европратеник.

-Бугарското општество него го отфрли на последните избори, воопшто не им дозволи на нивната партија да влезе во Бугарскиот Парламент. За жал, мислам дека нашето општество штотуку му обезбеди на Џамбаски уште еден мандат во Европскиот Парламент, создавајќи од него некаква политичка ѕвезда од тотален маргиналец во бугарското политичко општество, потенцира Османи во интервју за Радио Слободна Европа. вј/бак/