Османи од состанокот на ПСЈИЕ вo Анталија: Преку регионалната соработка ги надминуваме разликите што го оптоваруваат регионот


Шефот на дипломатијата Бујар Османи, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на турското претседавање 2020-2021, во Анталија, Турција.

Османи, како што соопшти МНР, во своето обраќање на состанокот ги изнесе погледите на Северна Македонија во однос на актуелните случувања во регионот и нивното влијание врз целокупната соработка, како и начините за унапредување на истата особено во форматот на ПСЈИЕ.


– Поминавме долг пат од започнувањето на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Денес, сите наши држави се усогласуваат со евро-атлантските вредности и се стремат да бидат дел од европското семејство. Покрај нашите основни заложби за мир и стабилност, постигнати се и други важни достигнувања во областа на регионалната соработка, што беше главниот двигател во текот на целиот процес и генерираше значителни резултати. Преку регионална соработка, преку засилена комуникација на сите општествени нивоа, преку економијата, бизнисот, културата па се до политичката комуникација ние ги надминуваме разликите кои го оптоваруваа регионот со опиплив бенефит од успешната регионална соработка, рече Османи.

Министрите разговараа за приоритетите на турското претседателство со ПСЈИЕ кои во голема мера беа посветени на воспоставување поголема поврзаност на регионот, младината и нејзиното значење во општествата, дигитализација, култура и туризмот, унапредување на регионалната соработка преку јакнење на политичката и економската соработка, како и кон демократијата, владеењето на правото, слободната пазарна економија и почитувањето на фундаменталните човекови права како основни Европски вредности кои остануваат во фокусот на сите земји членки на ПСЈИЕ.

ПСЈИЕ брои вкупно 13 земји членки од регионот на Југоисточна Европа кои покрај Северна Македонија се и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија, Косово, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора и Словенија. нд/сп/


Видете следно

Жените вработени во градските служби во Кабул ќе останат дома

Талибанците им наредија на жените вработени во градските служби во Кабул да останат дома, а …