Османи: Регионот мора да се издигне над предизвиците на Ковид пандемијата


Скопје, 24 септември 2020 (МИА) – Пандемијата на Ковид-19 покажа колку сме како земји ранливи и соочени со предизвиците, особен ние, земјите од Југоисточна Европа, но во исто време, пандемијата покажа дека имаме и волја и капацитет за европски пристап во справувањето со овие предизвици, преку ефикасна меѓусебна соработка, како и соработка со институциите на Европската Унија, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на редовниот министерски состанок на земјите членки на Централно европската иницијатива (ЦЕИ).

Говорејќи на состанокот, посветен на изнаоѓање начини за поуспешно прилагодување кон новата нормалност во сегашниот и пост-Ковид-19 периодот, Османи посочи и на регионалните предизвиците кои следат, како овозможување на слободно патување на граѓаните и непречено одвивање на транспортот; зајакнување на трговијата и отворање на туристичките капацитети како сегмент на економската соработка, па се до размена на информации и најдобри практики во рамките на здравствените протоколи, и епидемиолошките сознанија.

– Како нова Влада, како највисок приоритет на нашата надворешна политика, ги поставивме добрососедските односи, со особен акцент кон интензивирање и поддршка на регионалната соработка, што соодветствува со темата и на актуелниов форум, истакна Османи, потенцирајќи притоа дека регионалната соработка треба да се гледа низ призма на и во насока на поддршка на политиката на проширување на ЕУ кон земјите од западниот Балкан, за што изрази надеж дека ќе остане приоритет на Унијата и во претстојниот период.

Во своите обраќања, како што соопшти Министерството за надворешни работи, учесниците на собирот потенцираа дека главен приоритет во справувањето со пандемијата останува здравјето на граѓаните и минимизирање на последиците врз здравствените системи, но истовремено потенцираа дека рестартирањето на економијата и адресирањето на социјалните импликации од економскиот пад, стануваат клучни предизвици за воспоставување на новата нормалност.

Министерската видео конференција е дел од редовните годишни состаноци организирани од страна на претседавачите со Иницијативата.

Покрај министрите за надворешни работи од 18-те земји членки на ЦЕИ, на Конференцијата учествуваа и високи претставници на Европската банка за обнова и развој, Светската здравствена организација, Советот на Европа, ОБСЕ, Регионалниот совет за соработка, како и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји. сп/


Видете следно

Организирање на отстранување на отпадот е клучно за земјата

Во Македонија годишно се создаваат над 800.000 тони мешан отпад од кој на комунален отпад …