Османи: Заедно градиме стабилна, цврста и обединета Европа


Во рамките на одбележувањето на европските денови во Република Северна Македонија, вчера, Заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи беше домаќин на традиционалниот „ЕУ појадок“, со кој Секретаријатот за европски прашања секоја година го одбележува прославувањето на 9. мај- Денот на Европа.

„Ја одбележуваме оваа шеесет и девет годишнина од Шумановата декларација, настан кој го обележа создавањето на Европската Унија, најважната и најголемата цивилизациска придобивка на современиот свет; проект кој веќе 70 години обезбедува мир, стабилност и просперитет, претворајќи ја Европа во најубавото место за живеење“ – истакна Османи, посочувајќи притоа и на успесите на Република Северна Македонија, во нејзините аспирации за членство во Европската Унија.

„Република Северна Македонија се приклучува на аспирациите на земјите – членки, во изградбата на поцврста, постабилна и поефикасна Европа, и во иднина посветено ќе работи на исполнување на овие цели“ истакна Османи, посочувајќи на очекуваниот старт на преговорите, како значаен дел во овој процес.

На настанот свое обраќање имаше и Евроамбасадорот Жбогар, кој го истакна напредокот на земјава, изразувајќи надеж за брза верификација на успехот на земјата, потврдувајќи ги европските перспективи во периодот кој претстои.

Кратко обраќање имаше и избраниот Претседател, Стево Пендаровски, кој ја потенцираше неговата заложба, како иден Претседател, за успешни европски интеграции на земјава. Пендаровски направи паралела на изборите за Претседател на кој тој беше избран, како на процес кој беше важен на земјата не поради неговиот избор, туку поради процесот сам за себе, како израз на демократска и политичка зрелост на земјата, а во насока на исполнувањето на критериумите за членство во Унијата. На сличен начин Пендароовски потсети и на европските избори кои претстојат, како на важен предизвик не само за земјите – членки кои учествуваат на овие избори, туку и за нас, земјите – кандидати, кои внимателно го следат политичкиот ветер кој ќе се преслика во резултатите од овие избори.

На настанот присутни беа амбасадорите на земјите членки на ЕУ, амбасадорите на земјите од Западен Балкан, поранешните вицепремиери за европски прашања, како и претставници од граѓанските организации.


Видете следно

Градот Скопје денеска го затвора јавниот повик за субвенционирање на купувањето велосипеди за 2019 година

Градот Скопје ги информира граѓаните дека денеска го затвора јавниот повик за субвенционирање на купувањето …