Остварена средба меѓу гувернерката на Народната банка и министерката за финансии


Успешната соработка меѓу Народната банка и Министерството за финансии е клучна за донесувањето и спроведувањето на дел од политиките со кои се поттикнува економскиот развој на земјата. Со заеднички заложби, очекуваме дека соработката и комуникацијата меѓу двете институции и натаму ќе се остварува на веќе воспоставеното исклучително високо ниво, со максимална посветеност на заедничките приоритети за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, како и за поттикнување на развојот на нашиот финансиски систем. Ова беше нагласeно на денешната средба на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска со министерката за финансии, Нина Ангеловска.

На средбата во Народната банка, гувернерката и вицегувернерите ѝ го честитаа стапувањето на функцијата на министерката Ангеловска, при што беше истакнато дека е од голема важност да се продолжи со добрата координираност на монетарната и фискалната политика, бидејќи таа е и еден од предусловите за стабилна и просперитетна економија.

Тимовите на двете институции и натаму интензивно ќе работат на задржување на макроекономската и финансиската стабилност и нa целосно остварување на повеќе започнати, заеднички проекти, како и на сето она што треба заеднички да го остварат во рамки на тековните институционални активности. Истовремено, како што беше кажано од соговорниците, заеднички активно ќе се работи и на поттикнување и поддржување што поголема финансиска инклузија. Сето ова на среден и долг рок треба да придонесе за  поповолен амбиент за економски раст чии придобивки ќе ги почувствуваат сите.


Видете следно

Работна средба на министерот за култура Исмаили со министерот за култура на Руската Федерација, Медински

Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа во рамките на Меѓународниот форум за културна соработка во …