Breaking News

„Откриј ја пред да те собори“ – Отворено за мултиплекс склерозата во организација на Ротари клуб Скопје Интернатионал


Под мотото „Откриј ја пред да те собори“, а по повод Светскиот ден на мултипла склерозата, Ротари Клубот Скопје Интернатионал, вечерва со почеток во 20 часот во хотелот Лимак, организира отворена дискусија за поддршка на пациентите, подигнување на свесноста за ова заболување, како и начините за рано дијагностицирање.


На отворениот разговор своето искуство ќе го споделат Ана Карајанова Димитрушева, претседателка на Националното здружение за помош и поддршка на лицата со Мултипла склероза и д-р Бојан Бошковски, специјалист невролог на Универзитетската Клиника за Неврологија.


Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза во континуитет работи на подобрување на условите и третманот на пациентите, а Карајанова Димитрушева која живее со ова заболување повеќе од 20 години и ќе зборува за важноста од достапна терапија на пациентите за да се избегне ризикот од брза прогресија на болеста. Д-р Бошковски ќе ги објасни најчестите симптоми, важноста за редовни прегледи и рана дијагностика, како и начините како терапијата им помага на пациентите и им овозможува да го продолжат животот во сите аспекти.

„Секој од нас може да поттикне промена. Наша цел е поттикнување на промени во насока на унапредување на општеството во целина. Таа промена почнува од мали чекори. Токму во таа насока ги организираме овие отворени разговори кои имаат за цел да ја подигнат јавната свест за одредени предизвици кои постојат, но и да им подадеме рака на групите кои имаат потреба од поддршка. Само така можеме да придонесеме за промени. Вечерва нашиот фокус ќе биде ставен на мултипла склерозата, за која раната дијагностика и соодветниот третман овозможуваат пациентите да имаат подобар живот“ – истакнуваат од Ротари Клубот Скопје.


Мултиплекс склерозата, која инаку се нарекува и „болест со илјада лица“ претставува невролошко заболување и најчесто од неа заболуваат млади лица на возраст од 20 до 40 години. Засега за ова заболување не е пронајден лек, но сепак од особена важност за пациентите е навремената дијагноза и соодветната терапија која спречува брза прогресија на болеста.

Денеска, 2,8 милиони луѓе во светот имаат мултипла склероза, додека во земјава годишно се дијагностицираат околу 100 лица, а вкупно има над 1500 пациенти со оваа болест.


Повеќе од 110 години ротаријанците од целиот свет работат на промовирање на позитивните вредности, солидарноста и хармонијата во светот. Во таа насока е и оваа иницијатива на „Ротари Клуб Скопје Интернационал“.

Ваков тип на активности се спроведуваат во преку 35.000 Ротари клубови ширум светот, а кај нас делуваат 20 клубови на Ротари, кои делуваат во различни области во насока на исполнување на своите цели.