Отворање на првото издание на фестивалот „Недела на излозите“


Задоволство ни е да ве информираме дека на 10 декември (вторник) со почеток од 19 часот на отворената тераса на ресторанот Пелистер на плоштадот Македонија во Скопје, ќе се одржи официјалното отворање на првото издание на фестивалот „Недела на излозите“ (Window Displays Week Festival – WDW Movement), поддржан од Амбасадата на Швајцарија.

„Недела на излозите” е нов фестивал за креативност, современост и уникатност доловени преку излозите кои се естетски симболи на визуелната култура на градот. За првото издание на фестивалот, младите модни дизајнери и архитекти со преуредување на неколку излози и еден пасаж, го претворија центарот на градот Скопје во модерна галерија. Фестивалот ќе трае од 10 до 17 декември, а преуредени се излозите на: книжарницата Култура, часовничарот Хронометар, Театарот за деца и младинци, книжарницата Литература.мк, продавницата за чоколадо на швајцарскиот бренд Линд, и пасажот до книжарницата Литература.мк. Зад креативниот концепт и реализацијата на секој излог стои тим составен од млади архитекти и модни дизајнери, кои на свој начин пренесуваат важни пораки до минувачите и раскажуваат различни приказни. „МладиХаб“, т.е. Канцеларијата на претседателот (кај Рекорд), ќе служи како инфо поинт на фестивалот каде што ќе може да се погледнат сите креативни концепти за излозите и ќе може да се подигнат информативни материјали за фестивалот.

Овој проект започна во јануари годинава и се одвиваше во три фази: едукација преку три мастер класови одржани од страна на светски реномирани експерти од Лондон и Париз со огромно искуство во областа на модниот дизајн, естетско уредување на комерцијалните простори (visual merchandizing), визуелната уметност и архитектурата; работилници за градење на креативните концепти за уредување на излози одржани од локални и регионални експерти; и последната фаза – реализација на креативните концепти со локални ментори професионалци со интернационално искуство во областа на архитектурата, модниот дизајн и модната теорија. Преку соработката за овој фестивал, младите архитекти и модни дизајнери ги открија вештините на естетското уредување на комерцијалните простори (visual merchandizing). Покрај едукативна, целта на овој фестивал е подигнување и сензибилизација на локалната визуелна култура, повеќе од кога било потребна на градот Скопје.

АГЕНДА за отворањето на фестивалот (10.12.2019):

18:30 следете ја мапата и погледнете ги уникатно декорираните излози
19:00 повелете на отворената тераса во ресторанот Пелистер
19:10 отворање на фестивалот и кратко обраќање на амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада и на основачите на фестивалот: Кристина Глигоровска, координатор на фестивалот, Искра Јанковска Михајловска, координатор за архитектура и Лидија Георгиева, координатор за моден дизајн.
19:25 коктел забава со диџеј Соња Исмаил


Видете следно

Стопанска комора: Веднаш да се почне со конципирање стратегија за долгорочен економски, одржлив развој на државата

Веднаш да се почне со конципирање стратегија за долгорочен економски, одржлив развој на државата, да …