Отворен ден во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија


Ученици од ООУ„Д-р Владимир Полежиноски” од Кичево, вчера го посетија Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, во рамки на активноста Отворен Кабинет.

За време на посетата на Кабинетот, учениците имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот Пендаровски, да се информираат за неговите надлежности, да присуствуваат во просториите во коишто се одвиваат официјалните и работните средби, како и во салите во коишто се организираат свечености, состаноци, настани и прес-конференции. Посетителите се сретнаа и со дел од вработените во Кабинетот, и беа запознаени со историјатот на Вила Водно, со дел од активностите, и со начинот на функционирање на оваа институција.

Учениците од ООУ „Д-р Владимир Полежиноски” имаа можност да присуствуваат и на церемонијата за промена на државното знаме на платото во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, извршена од припадниците на Баталјонот за почести и опслужување на Армијата, што се одржува со цел подигнување на чувството и почитта кон знамето на Република Северна Македонија, како репрезент и симбол на државноста на нашата земја.

Вчерашниот настан е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, со кој се реализираат директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Сите заинтересирани граѓани и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот http://pretsedatel.mk/?page_id=3016 ќе имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер коишто ќе бидат реализирани во Кабинетот.


Видете следно

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Р.Латвија, Големото Војводство Луксембург и Р.Ирска

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори …