Отворена изложбата „Метаморфози“ на уметникот Петар Кирановски – Бата


„Метаморфози“ е насловот на изложбата на преспанскиот сликар Петар Кирановски – Бата, што вечерва беше отворена во домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.

Публиката во наредните 14 дена ќе има можност да погледне 52 дела насликани во комбинирана техника од акрил и други рељефни материјали на лесонид.


Делата, како што истакна авторот, ја претставуваат човековата преобразба, метаморфозата во секој аспект и искушение од животот.

– Метаморфози е антипод, спротивност на убавината. Делата го претставуваат самиот живот и неговите убави и грди страни. Ликовите во самите слики воспоставуваат емпатија со гледачот, истакна Кирановски-Бата.


Директорот на Домот на културата, Васко Василевски забележа дека делата на Бата се издвојуваат со своите драматични бои и влијателни пораки.

– Петар е сликар, кој со своите дела и стил пркоси во својот крај. Неговата уметност е воглавно апстрактна при што креативноста му развива идеи за различни техники и материјали. Неговите слики се издвојуваат со својот рељеф, драматични бои и влијателни пораки на кои никој не останува рамнодушен, рече Василевски.


На отворањето на изложбата „Метаморфози“, меѓу другите присустуваше и градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски. сс/са/

Ресен, 16 февруари 2022 (МИА)


Видете следно

„Најсреќниот човек на светот“ е македонски кандидат за Оскар за долгометражен интернационален филм

Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот” во режија на Теона Стругар Митевска е годинaшниот македонски …