Отворена нова градинка во Аеродром


Денеска во Ново Лисиче на задоволство на многу родители пуштивме во употреба нова детска градинка со капацитет за згрижување 200 деца.

„Станува збор за модерен објект во рамки на градинката „Буба Мара“, кој ги исполнува сите неопходни стандарди и обезбедува современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Новата градинка содржи 8 занимални со сопствени санитарни јазли и кујна на вкупна површина од 1.500 квадратни метри. Со овој објект, градинката „Буба Мара“доби двојно поголем капацитет за згрижување, со што ќе се задоволи реалната потреба на семејствата во Ново Лисиче.

Истовремено се подобрија условите за престој и воспитување на децата. Средствата за новата детска градинка од околу 40 милиони денари ги обезбеди Општина Аеродром.

Во наредниот период, како што најави градоначалникот Марин, ќе се изградат уште две нови градинки. Едната во дворот на училиштето „Блаже Конески“ во населбата Мичурин, а другата кај постојниот објект на детската градинка „Црвенкапа“ во Стар Аеродром.

Во иднина ќе продолжиме со проценка на капацитетите за згрижување во градинките и основните училишта на целата територија на Општина Аеродром. Ќе интервенираме кадешто е потребно, со цел да обезбедиме институции, кои нудат квалитетни услови за згрижување, образование и развој во сите делови од општината.



Видете следно

Одржана 35-тата седница на Советот на Општина Центар

Советот на Општина Центар, вчера ја одржа редовната 35-та седница. Од 23-те точки на Дневниот …