Оваа недела во владина процедура новиот оглас за доделување 4.400 хектари земјоделско земјиште


Во Платежната агенција до денеска се пристигнати над 2.300 барања за дополнителни субвенции за набавка на вештачко ѓубриво и тие оваа недела ќе бидат исплатени зашто нашата цел е земјоделците редовно, на неделна основа, да имаат дополнителни приходи кои се неопходни во време на раст на трошоците, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по средбите со земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија, каде ги презентира мерките и политиките за поддршка.

Оваа недела, додаде Николовски, во владина процедура влегува и новиот јавен оглас за доделување околу 4.400 хектари земјоделско земјиште – до три хектари во сите региони низ државата.


-Наша цел е што поголем број земјоделци да аплицираат на објавените повици, а информациите од терен потврдуваат дека интересот е голем и тоа е резултат на заедничката соработка со земјоделците, бизнис секторот, науката и останатите партнери со кои го креиравме националниот план за производство на храна. Ги повикувам земјоделците да ги следат сите информации, а и ние директно на терен ги доближуваме до нив за да ги користат сите инструменти што ги нудиме. Мај го нарековме месец на земјоделството и затоа сме на терен со земјоделците, а не во канцеларија, истакна министерот.

Според Николовски, кампањата овозможува директно запознавање на земјоделците, фармерите и сточарите со мерките кои се дел од Националниот план за производство на храна.


Тој дополни дека Министерството нуди помош за набавка на вештачко ѓубриво и земјоделците ги мотивира да го зголемат приносот.

Министерството за земјоделство во моментов има јавни повици за повеќе мерки од програмите за рурален развој кои се отворени до 20 мај. мт/мч/


Битола, 12 мај 2022 (МИА)


Видете следно

Битиќи, Азески и Хоџа на Бизнис форум во Хрватска

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори …