Панел дискусија за вработливоста на младите


Во Оперативниот план за вработување за  годинава се предвидени 1,5 милијарди денари од кои значително голем дел е за вработување на младите до 29 години им порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на присутните на панел дискусијата „Пристап и креативни стратегии во креирањето на програми за вработување на младите” што денеска се одржа во Скопје во организација на НВО Рацио.

-Здружението Рацио презема инцијатива за да собере група млади со кои ќе зборуваме како Владата со своите програми ги поддржува младите и во периодот на Ковид и постковид. Денеска непосредно ќе зборуваме со младите за сите активни програми кои годинава како целна група ги имаат младите, но и ќе можеме да ги чуеме нивните размислувања и потешкотии со кои секојдневно се соочуваат за да можеме во активните програми и политики да вметнеме нови сегменти, изјави Битиќи пред почетокот на панел дискусијата.

Ќе зборуваме, прецизира, за младинската гаранција во Оперативниот план, програмата во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство која ги таргетира младите со поразличен пристап од претходно. Ќе стане збор и за програмите на Фондот за иновации и технолошки развој во кои речиси 50 отсто од целната група се млади, но и за конкурсите за упис во средно училиште

Годинава, како што нагласи, првпат се прави голем исчекор во средното стручно образование, особено во дуалното образование.

-Ако претходно во дуалното образование имаше 11 паралелки, годинава ќе има 95 паралелки со целосно нов инструмент за субвенционирање за мотивирање на младите да се вклучат во стручното образование, како исчекор во вработливоста на младите во државата, истакна Битиќи.

Фахми Османи од НВО Рацио посочи дека иселувањето на младите е најголем проблем во нашето општество.

-Младите немаат доверба дека ќе дојдат подобри денови за нив и за таа цел како здружение се трудиме да ги поддржиме да добијат самодоверба. Очекуваме на панел дискусијата вицепремиерот и другите поканети панелисти да им укажат за развојните и креативните програми на државата, рече Османи пред почетокот на настанот. вј/ац/

Скопје, 1 април 2021 (МИА)


Видете следно

МОН: Започна етапно вакцинирање на наставниот кадар

Започна вакцинацијата на наставниот кадар во основното образование од прво до трето одделение, како дел …