Павловден – Зошто апостол Павле е особено значаен за Македонија?!


Павловден жените го држеле како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работело за да не бидат каснати од пајак бидејќи се верувало дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден, вели Китевски за МИА.

На иконите двајцата апостоли се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги. Според фолклористот Мирко Kитевски, на празникот му претходи петровденскиот пост, чија должина зависи од празникот Велигден. Овој пост е еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, а започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и петровденскиот пост секогаш не трае исто.

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној што најмногу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку, тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

Kитевски смета дека светиот апостол Павле е особено значаен за Македонија. Тој своето прво патување надвор од Азија го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.

Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“, што е дел од Светото писмо, се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада, една ноќ имал видение: „…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ По тоа видение, веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ н` повикал таму да го проповедаме Евангелието (Дела 16-9,10).

Kако што стои во ова сведоштво, една богобојазлива жена од градот Тијатир, по име Лидија, прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!“, им рекла таа. Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа. Kитевски смета дека поради тоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања.


Видете следно

Град Скопје денеска ја почнаа реконструкцијата на коловозот на булеварот Кочо Рацин

Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа реконструкцијата на коловозот на булеварот Кочо Рацин, еден …