Пекинг разговара за снабдувањето со нафта со земјите производители и со земјите потрошувачи


Кина ќе продава нафта од стратешките резерви според нејзините потреби, изјави денеслка портпаролот на Министерството за надворешни работи, додавајќи дека Пекинг разговара за снабдувањето со земјите производители и со земјите потрошувачи.

САД објавија дека ќе ослободат 50 милиони барели нафта од стратешките резерви во координација со Кина, Јапонија, Индија, Јужна Кореја и Велика Британија за да го ублажат растот на цените, откако водечките производители ги одбија повиците за зголемување на испораките. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени од Русија, одлучија да го зголемат производството во декември за само 400.000 барели дневно, потврдувајќи го јулскиот план и предупредувајќи дека понудата ќе ја надмине побарувачката до крајот на оваа година и почетокот на следната.


Кинеската национална администрација за храна и стратешки резерви потврди минатата недела дека се подготвува да продаде дел од резервите на нафта. Тие не сакаа да го коментираат барањето на САД. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лијијан повторно одби да одговори на денешниот брифинг со новинарите дали Кина учествува во пуштањето на нафта од резервите во оптек, што го координираат САД.

„Кинеската страна ќе го организира ослободувањето на нафтата од стратешките резерви според нејзините реални потреби”, рече Жао, додавајќи дека без одлагање ќе објави релевантни информации.


Кина ќе продолжи со разговорите и комуникацијата за да обезбеди долгорочна стабилност на нафтениот пазар, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи.

Во септември, Пекинг организираше аукција на нафта од стратешките резерви за да го ублажи растот на цените и да ги намали трошоците на компаниите за опоравување од кризата со короната. зш/

Пекинг, 24 ноември 2021 (МИА)


Видете следно

Шест седмици по ред паѓа цената на нафтата

Цените на нафтата на светските берзи паднаа и минатата недела, шеста седмица по ред, бидејќи …