Breaking News

Пенов: Претприемништвото е основа за напредок на нашето општеството


Развојот на претприемништвото и претприемачкиот дух е основа за напредок на општеството. Оваа алка ни недостасува и затоа младите заминуваат. Државата нуди поддршка и потребни се поголеми проекти, нагласи министерот за локална самоуправа Ристо Пенов кој денеска официјално го отвори Центарот за претприемништво и креативност на Економскиот факултет во Прилеп.


– Алката која недостасува во развојот на македонското општество, тоа е претприемништвото, без претприемачки дух, без овој елемент, ние ќе тапкаме во место, ќе ни недостигаат проекти, ќе го бараме излезот во странство. Тоа е недостиг од претприемништво. Затоа го поддржувам овој проект уште повеќе да се развива и да продира многу повеќе. Не да се држат семинари, туку претприемачкиот дух да се внесува и во средното училиште. Секој мора во животот да внесе претприемачки дух, да ја подигне борбата за да постигнеме нешто. Тогаш ќе имаме резултати. Центарот за претприемништво и креативност е одличен пример за тоа како институциите, универзитетите, граѓанските организации и општините можат да соработуваат за да создадат нови можности за личен и регионален развој кај младите. Пелагонискиот плански регион се соочува со значителни демографски предизвици, а проектите како овој ги поттикнуваат и мотивираат младите претприемачи да започнат сопствен бизнис, со што се создаваат и подобри развојни можности за регионот, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.


Ректорот на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ Игор Неделковски изјави дека Универзитетот е прв на кој од есен ќе почне да функционира новиот правилник и ќе се воведе дуално образование.

– Ќе овозможиме држење настава, односно практична настава, вежби на стручњаци од стопанството во Универзитетот и дуално образование. Нашите студенти вежбите, наместо во клупата, да ги држат во фирмите. Ситуацијата е оптимистичка. Во Македонија бројот на невработени е речиси симболичен, дури се зборува увоз на работна сила. Во таква ситуација, се смени улогата на бизнисот кој сега тропа на вратата на универзитетите, да работи со нашите студенти за потоа да имаат и практични вештини кои често ние не можеме да ги обезбедиме, поради лимитираниот буџет, немањето млад, асистентски кадар, изјави Неделковски.


Јована Аврамовска Николовска, проектен координатор во здружението за проектни анализи ЗМАИ објаснува дека проектот е кофинансиран и од Европската Унија од ИПА програмата за прекугранична соработка.

– Со нашите партнери го направивме Центарот за претприемништво и креативност во Економскиот факултет во Прилеп. Веруваме дека во вакви простори многу лесно младите ќе најдат начин да развиваат идеи, да го поддржуваат и да го развиваат својот претприемачки дух, но и да учат многу повеќе за новите технологии како циркуларната економија и биотехнологијата и како може да им понудат можности за развој. Центарот е кофинансиран и од Европската Унија од ИПА програмата за прекугранична соработка. Во овој проект влегува и грчката страна, па сите може да работат заедно со своите колеги за да развиваат претприемачки дух, зашто идеите не познаваат граници, изјави Аврамовска Николовска.


Студентите бараат зајакнување на врските меѓу идниот стручен кадар и бизнис секторот.

– Сметам дека сè уште во најголем дел не е поддржано и очекувам во иднина да се направи тоа, со оглед на тоа дека речиси секој студент чека да заврши и да замине во странство. Бизнис секторот сам ќе се поттикне кога ќе нема доволно стручна работна рака. Кај нас постојат услови тоа да се имплементира, вели студентот од втора година на економскиот факултет, Валентин Димитриоски.


– Треба да има на кого ќе му се пласира самата идеја, а тоа се фирмите, бизнис заедницата. Да има обука за да може да го оствариме тоа што го нудиме како млади претприемачи. Тоа да се реализира преку вмрежување со нив. Одлична можност е да се прави преку овој Центар за претприемништво и креативност. Во последно време има поголемо зближување на бизнис заедницата со младите кадри. Фирмите бараат студенти, одржуваат обуки, презентации. Но, би било добро во Центарот тоа да се прави, вели Христина Димитриеска, студентка на прилепскиот економски факултет.

Проектот, со вкупна вредност од 580.000 евра, доби 15 насто финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа за спроведувачите – партнери во земјава. ем/ир

Фото: МИА