Перспективите на македонскиот пазар на хартии од вредност во светлина на актуелните економски состојби на домашно и светско ниво


На 9-ти мај 2013 година во хотелот Александар Палас во Скопје, Македонската Берза АД Скопје, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје ќе организираат заедничка „ Конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност 2013“. За прв пат од осамостојувањето на Република Македонија, овие три институции организираат заедничка манифестација посветена на пазарот на хартии од вредност, која ќе биде одлично место за размена на искуства и дискусија за актуелните состојби во финансиската индустрија, како и за промоција на идеи за понатамошен развој на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија.

Конференцијата на едно место ќе ги обедини претставниците на финансискиот сектор и индустријата на хартии од вредност во Република Македонија, котираните компании и други акционерски друштва, државни институции и универзитети, како и други лица чија дејност е поврзана со работењето или инвестирањето во хартии од вредност. Учесниците на настанот, низ организирани дебати и панел дискусии, ќе имаат можност да ги слушнат размислувањата на реномирани домашни и странски експерти во врска со актуелните состојби на пазарот на хартии од вредност од домашен и од меѓународен аспект, неговите идни развојни правци, значењето на финансиската едукација, како и корелацијата на степенот на развој на македонскиот финансиски систем со долгорочниот економски развој на нашата држава.

На конференцијата ќе се обратат Претседателот на Комисијата за хартии од вредност на РМ,
М-р Елизабета Чингаровска, Главниот извршен директор на Македонската берза, г-дин Иван Штериев, а со специјален говор на присутните ќе им се обрати Гувернерот на Народната банка на РМ, М-р Димитар Богов. Во рамките на работниот дел од конференцијата, во својство на учесници на панел дискусиите, покрај истакнати експерти од финансискиот сектор и идустријата на хартии од вредност во Република Македонија, учество ќе земат и преседателот на Управниот Одбор на Хрватската берза, заменик директорот на берзата во Турција, Претседателот на Комисијата за хартии од вредност на Република Србија, Виш советник на Агенцијата за пазар на хартии од вредност на Република Србија, директорот на оддел за продажба во ЈИЕ на Ерсте Груп Банк, како и претседателот на OEN Consulting, Швајцарија.

Официјалниот дел од овогодинешната конференција ќе биде заокружен и со други пригодни содржини, како што е доделувањето на наградата за најтранспарентно котирано акционерско друштво за 2012 година „Кристално ѕвоно„.



Видете следно

Од денеска до 3 ноември, во МСУ ИЗЛОЖБА НА 17 ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА УРЕДУВАЊЕ НА КАЛЕ

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на отворањето на изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на …