Breaking News

Перуанскиот Парламент го прогласи мексиканскиот претседател Обрадор за персона нон грата


Перуанскиот парламент вчера го прогласи мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор за персона нон грата.


Причината за тоа се вербалните напади на мексиканскиот лидер кон перуанската претседателка Дина Болуарте.


Лопез Обрадор ја нарекува Болуарте „узурпатор“ и на почетокот на овој месец одби да ѝ го предаде претседателството со латиноамериканскиот трговски блок Тихоокеанска алијанса, откако го доведе во прашање нејзиниот легитимитет како шеф на државата.

Дина Болуарте стана претседателка на Перу по соборувањето од власт на претседателот Педро Кастиљо, кој беше уапсен поради обидот да го распушти парламентот во декември.


Отстранувањето на Кастиљо, кој е претставник на перуанската радикална левица, беше критикувано од мексиканскиот претседател, кој им даде азил на сопругата и децата на Педро Кастиљо.

Откако беше соборен Кастиљо, се појавија сериозни дипломатски тензии меѓу Перу и Мексико. Во февруари Болуарте соопшти дека го отповикува перуанскиот амбасадор од Мексико.


Вчера, мнозинството перуански пратеници го одобрија предлогот Андрес Мануел Лопез Обрадор да се прогласи за персона нон грата, обвинувајќи го мексиканскиот лидер дека се обидува да се меша во внатрешните работи на Перу.

ссм/фото: МИА архива .


Извор: МИА