Петровска – Д’Адарио: Северна Македонија е одговорен сојузник кој директно придонесува кон безбедноста на Алијансата


– Северна Македонија е одговорен сојузник кој директно придонесува кон безбедноста на Алијансата, констатирале на денешната средба во Скопје министерката за одбрана Славјанка Петровска и командантот на Силите за брзо распоредување на НАТО во Италија, генерал-потполковник Лоренцо Д’Адарио, кој престојува во дводневна посета на Северна Македонија.


На средбата, министерката Петровска порача дека со приклучувањето на Северна Македонија кон Меморандумот за разбирање чиј потписник се земјите-контрибутори во Силите за брзо распоредување, нашата земја уште еднаш покажа дека безбедноста не ја зема здраво за готово и дека е активен учесник во зацврстувањето на сигурноста на НАТО и сите земји членки.


-НАТО со сега веќе 31 земја-членка е одлучно и посветено на безбедноста на својата територија. Ние сме одбранбена Алијанса која не претставува закана за никого, туку напротив, нашата заедничка цел е со здружени капацитети да ја гарантираме безбедноста на својата територија и на своите граѓани, рече министерката.

Таа изрази задоволство што Северна Македонија го потпиша Меморандумот за разбирање и што НАТО е будно и обединето во гарантирањето на безбедноста на една милијарда луѓе во светот.


Генералот Д’Адарио, како што информира Министерството за одбрана, се заблагодари за улогата која Северна Македонија ја има во зацврстувањето на безбедноста на регионот и на Алијансата и додаде дека постоењето на сили за брза реакција е уште еден исчекор кон безбедно и сигурно НАТО.

-Нашата цел како Сили за брзо распоредување на НАТО во Италија е токму развој на способности за извршување на мисии низ целиот спектар на операции, на брз и ефикасен начин. Овие Сили се уште еден капацитет во басенот на НАТО кој ја штити евроатлантската област, рече генералот Д’Адарио.


Тој во рамки на следните чекори на афилирање на припадници на Армијата во овие Сили истакна дека знамето на Северна Македонија е веќе рамноправно со знамињата на останатите 19 членки кои партиципираат и изрази очекување до почетокот на летото да биде упатен првиот штабен офицер на Армијата на Република Северна Македонија во Штабот на корпусот, додека наскоро ќе биде разгледана и можноста за реализација на вежбовни активности на полигонот Криволак.

По средбата со министерката Петровска, генералот Д’Адарио се сретна со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, а во рамки на посетата средба ќе има и со командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини. дма/лв/


Фото: Министерство за одбрана

Извор: МИА