Почнува КРИК – Фестивал за критичка култура


Со задоволство ве известуваме и ве покануваме на четвртото издание на КРИК – Фестивал за критичка култура, кој го организира  Контрапункт – асоцијација за разво на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики (http://www.kontrapunkt-mk.org/).

Од 18 до 22 јуни ќе се одржи првиот дел од четвртото издание на Фестивалот, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, кое ќе ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

„Оваа година „КРИК – фестивал за критичка култура“ ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното. Токму затоа, ве повикуваме низ овој прв дел на КРИК да бидеме заедно и отворено да разговараме за сите можни патеки низ кои би сакале да го движиме нашето тело како стратегија на отпор“, велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.

Фестивалот свечено ќе биде отворен во среда (19 јуни) со почеток во 19, 30 часот, во Националната галерија, Чифте амам со предавањето на Нејтан Браун,  професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал Канада, кој ќе одржи и семинар „Естетичко образование наназад: Ќорскаци на сегашноста“.

Претходно, како бонус содржина утре (вторник, 18 јуни) во кафе – кино Котур, во рамки на програмата  „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат, во 19, 30 часот ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019) во режија на Ангела Шанилек.

Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија и други.

КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020, Град Скопје.

Логистички партнери на фестивалот се: Национална Галерија на Македонија (http://nationalgallery.mk/), КОТУР (https://www.facebook.com/KoturKafeiFilm/) и порталот окно.мк (https://okno.mk/)Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад.



Видете следно

Од денеска до 3 ноември, во МСУ ИЗЛОЖБА НА 17 ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА УРЕДУВАЊЕ НА КАЛЕ

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на отворањето на изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на …