Почнува постапката за окрупнување на земјоделското земјиште во општина Чешиново-Облешево


Кочани, 24 септември 2020 (МИА) – Во атарите на селата Спанчево и Соколарци во општина Чешиново-Облешево почнува спроведувањето на втората и третата фаза од проектот „Воведување на национална програма за консолидација на земјиште”, што се однесува на окрупнување на земјоделските површини, главно за производство на ориз.

На воведниот состанок на кој присуствуваа претставници од тимот експерти кој ќе го работи проектот, како и од подрачните канцеларии на Министерството за земјоделство, од водостопанското претпријатие, од локалната самоуправа и од други јавни институции, беше речено дека станува збор за обновување на претходно започнатиот процес што имаше прекин во текот на изминатиот период.

-Целта на проектот е да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси. Исто така, окрупнувањето на земјоделските парцели ќе овозможи зголемување на приходот и профитабилноста по хектар обработено земјиште, како и примена на модерна земјоделска механизација и производствени технологии. Дополнително, процесот ќе помага во решавање на проблеми со регистрација на земјиштето, истакна Никола Рибароски, тим лидер на сервис провајдерот „Цветковски консалтинг”.

Подрачјето во атарот на село Спанчево на кое ќе се врши окрупнувањето се простира на површина од 276 хектари со 1879 парцели и 642 сопственици, додека во Соколарци е опфатена површина од 218 хектари со 1555 парцели и 491 сопственик. Предвиден е период од 11 месеци за завршување на постапката

Освен во Чешиново-Облешево, проектот за окрупнување се спроведува и во во битолските села Логоварди, Оптичари и Трн, потоа селото Кожле во општина Петровец, како и во селото Дабјани во Општина Долнени.

Теренската работа на консолидацијата ќе ја извршува сервис провајдер како конзорциум од четири фирми, финансиската поддршка е обезбедена од фондовите на ЕУ, а активностите ги спроведува Светската организација за храна – ФАО, во партнерство со македонското Министерство за земјоделство.та/вг/


Видете следно

Организирање на отстранување на отпадот е клучно за земјата

Во Македонија годишно се создаваат над 800.000 тони мешан отпад од кој на комунален отпад …