Почнува пријавувањето на вишокот тутун, Тутунскиот комбинат ќе ги купи количините на „Далија табак”


Од денеска тутунарите може да го пријавуваат вишокот тутун во подрачните единици на Министерството за земјоделство. Ова е дел од договорот постигнат на вчерашниот состанок со откупувачите и министерот за земјоделство Арјанит Хоџа.

Подрачната единица – Прилеп веќе ги отвори шалтерите и ги објави известувањата.

-Веднаш може производителите да го пријавуваат вишокот тутун. Треба да се достават податоци: ИДБР број, име презиме и колку вишок тутун имаат. Тоа може да го направат и преку поверениците на вагите. Според првичните податоци, во земјава има од 2000 до 4000 тони вишок. Но, кога ќе ги собереме податоците, ќе имаме реална слика колкави се количествата вишок тутун. Со ИДБР бројот и преку системот ќе провериме дали тие проиводители имаат некаде неисполнет договор. Така ќе се знае колку е вишок што откупувачите ветија дека ќе го преземат, вели раководителот на Подрачната единица, Зоран Пачешкоски.

Прилепскиот тутутнски комбинат, пак, ги почна подготовките на документацијата за преземање 440 тони тутун, договорен со фирмата „Далија табак” која поради необезбедени средства не може да ги преземе.

Директорот на Тутунскиот комбинат, Кире Станкоски очекува од идната недела да се преземаат овие количества.

-Според постигнатиот договор на состанокот, овие два-три дена ќе ја средуваме документацијата со Министерството за официјално да може договорите од „Далија табак” да се префрлат на Тутунскиот комбинат. Со тоа ќе може тутунарите да остварат и право на субвенции. Очекуваме во текот на идната недела според планот, на петте откупни пунктови во Радовишко да се преземат околу 440 тони тутун. имаме средства да се платат и овие количества, вели Станкоски.

Од Сојзуот на земјоделските здруженија на Македонија велат дека има благо зголемување на динамиката на откуп. Од динамиката ќе зависи дали ќе се откупува тутун и во саботите. Се планира целиот род да се купи до крајот на февруари. Во спротивно, со одлука на Минситерството ќе се бара рокот за откуп да се пролонгира.

За откуп остануваат уште 60 проценти од родот. Просечната цена е околу 167 денари за килограм, а дневно се решаваат по два три случаи на Второстепената комисија. ем/мч/

Прилеп, 14 јануари 2021 (МИА) 


Видете следно

Во февруари исплата за скенирани фискални во четвртиот квартал од 2020, граѓаните ќе добијат 6,1 милион евра

Следниот месец на граѓаните кои скенирале фискални сметки во последните три месеци од 2020 година …