Почнува шестото издание на Медиумскиот фестивал Скопје


Шестото издание на Медиумскиот фестивал Скопје, посветено на медиумскиот третман на животната средина, ќе се одржи од денеска до сабота во Кинотеката, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.

Фестивалот се отвора со дискусија за покриеноста на прашањата врзани со животната средина и климатските промени во македонските медиуми, по што следи проекција на документарецот „Длабоко во мразот”, патешествие на тројца истражувачи низ ледените предели на Гренланд.


На годинашната фестивалска тема ќе зборува и германската новинарка Сара Шурман, која во онлајн-гостување во петок ќе сподели насоки за ефективно новинарско известување за климатската криза.

На последниот фестивалски ден во Кинотека ќе се одржи дискусија за горливото локално прашање за зелените површини и урбаниот развој. Вториот фестивалски ден пак, започнува со дискусија за медиумската покриеност на правата на лицата без државјанство, бегалците, мигрантите и барателите на азил.


– Почнувајќи од самото основање на ПИНА, организацијата посветено ги следи проблемите и предизвиците кои ги засегаат новинарките во Северна Македонија, што продолжува да биде во фокусот и на ова фестивалско издание. На 23 септември во Кинотека премиерно ќе биде прикажан краткиот документарен филм на ПИНА „Опасни мрежи” и ќе биде презентирана публикацијата „Од нормализација до самоцензура” за онлајн вознемирувањето на жените новинарки во земјата. Ова е прва публикација на ПИНА и претставува темелно истражување и анализа во која беа анкетирани над 100 новинарки од домашната медиумска сцена, со цел да се соберат нивните искуства за влијанието на онлајн вознемирувањето врз нив и нивната работа, соопштија од ПИНА.

По дискусијата ќе следи проекција на „Убиството на еден новинар” кој ги документира напорите на новинарите да го расветлат свирепото убиство на словачкиот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова. мс/мд/



Видете следно

РАСПИШАН КОНКУРСОТ ЗА СТРИП НАГРАДАТА „ЛИФТ“ ЗА 2022

Издавачката куќа ТЕМПЛУМ годинава, 2022, по петти пат го распишува конкурсот за македонски стрип, „Лифт“. …