Поднесено обвинение против членови на група кои вршеле изнуда и продолжена уцена на едно оштетено лице


Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица за сторено кривично дело – Изнуда од член 258 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Обвинетите, заедно со уште едно лице кое е недостапно на органите на прогонот и по кое е распишана потерница, на 14.12.2018 година во еден трговски центар во Скопје со умисла се обиделе да присилат оштетено лице да им даде 10.000 евра. Притоа дејствувале како група, со намера да прибават противправна имотна корист и употребиле сериозна закана по животот на оштетениот.

Имено, обвинетите неколку дена претходно телефонски го контактирале оштетениот и го принудиле на средба на која агресивно се однесувале и упатувале закани по неговиот и по животот на членовите на неговото семејство, барајќи да им исплати 10.000 евра. Оштетениот се согласил да се сретне со нив на 14.12.2018 година во еден трговски центар и да им ги даде парите, но намерата ја пријавил во полиција од каде му биле дадени обележани банкноти. Обвинетите се упатиле на договорената средба и пред трговскиот центар се раздвоиле. На оштетениот му се пристапил еден од обвинетите, додека другите го чекале во близина. Но, во тој момент ги забележал полициските службеници задолжени за безбедноста на оштетениот, започнал да бега и заминал во непознат правец. Останатите двајца обвинети биле затекнати и задржани во близина на местото на настанот и не успеале да го довршат кривичното дело.

Во текот на истражната постапка беше утврдено дека една од обвинетите во периодот од 17.10.2016 година до 21.07.2017 година, со умисла искористувајќи исти прилики и ист траен однос, во повеќе наврати зела парични средства од истото оштетено лице. Таа, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувала на оштетениот дека за него ќе открие нешто што може да наштети на неговата чест или неговиот углед и со тоа го присилила да и даде 10.500 евра и уште 450.000 денари. Со тоа, обвинетата сторила продолжено кривично дело – Уцена од член 259 став 1 од Кривичниот законик, па обвинителниот акт за неа се однесува и на ова кривично дело.

Ценејќи дека и натаму постојат сите околности заради кои на двајцата обвинети претходно им беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на оваа мерка.



Видете следно

Димковски: Со прецизни податоци за земјоделски стопанства до ефикасна реализација на мерките за развој на земјоделството

Денеска заврши имплементацијата на Твининг Проектот „Финализирање на мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства“, …