Поетски портрет на Влада Урошевиќ, читања на странски поети и промоции во вториот и третиот ден на СВП 


Поетот, прозаист, пензиониран универзитетски професор по книжевност Влада Урошевиќ и неговото поетско творештво беа првата од содржините што ја одбележаа вчерашната вечер на Струшки вечери на поезијата.

Урошевиќ зад себе има 11 збирки поезија, шест збирки раскази, шест романи, три книги записи и патописи, неколку книги критики и есеи, две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството, а составувач на неколку антологии. Тој исто така е и еден од втемелувачите на Струшките вечери на поезијата во 1961 година.

„Урошевиќ е еден космополитски, а не роднокраен автор во нашата литература. Етикетиран како „enfant terrible“ на модернизмот, во една пригода, говорејќи за својата пасија кон надреализмот, самиот изјавува: „Бев незадоволен со сето она што се објавуваше како литература во тоа време. (…) Барав нешто послободно, подлабоко, потаинствено.“ Како човек од перо, Влада Урошевиќ е еден нестивнат дух со огромна моќ да проникне зад појавното, да зачекори отаде возможното и, кажано со речникот на еден Вилијам Блејк, „да ги отвори вратите на перцепцијата“ кон некои нови и непознати светови; дури и во добро познатата реалност „овде“ и „сега“ да открие некаква магија и некоја таинствена, несекојдневна убавина“, забележа Лидија Капушевска – Дракулевска претставувајќи го опусот на Урошевиќ.

По прочитаните речиси дваесетина песни од истакнатиот пред публиката на истото место, на сцената „Галеб“ беше промовирана „Арката на Ное“, годинашната тематска антологија, инаку препознатлив белег на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП).

Приредувачот Иван Џепароски како тема за антологијата оваа година ги одбра животните во македонската поезија. Дел од авторите од сите возрасни генерации, на бината на истекот на Црн Дрим прочитаа по неколку песни.

Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ потоа продолжи со меѓународното поетско читање „Кругови“ од дел од годинашните учесници на СВП.

Вечерта на третиот ден на поезијата во Струга продолжи со Промоција на „Дедлајна љубов моја“ на Владимир Лукаш – во соработка со ИНКА Струга во рамки на програмата „Раздримување“, како и со читањето на млади поети „Ноќ без интерпункција“, напоредно со отворањето на изложбата „ „Скицерајки“, исто така на Лукаш.

Во текот на денешното претпладне, пак, се одржа поетското матине во дворот на црквата Пресвета Богородица, свои творби прочитаа дури 21 поет од земјава и од голем број земји од Европскиот, Американскиот и Азискиот континент.

Попладнево во хотелот „Дрим“ во Струга ќе се одржат неколку настани посветени на програмата „Версополис“ како и дебата „Улогата на книжевните часописи во дигиталното доба“.

Потоа, во 20 часот, на сцената „Галеб“ ќе биде презентиран Поетскиот портрет на Богомил Ѓузел, по што ќе уследи уште еден истороден настан, односно Поетскиот портрет на хрватската поетеса Моника Херцег, која е годинашен добитник на наградата „Мостови на Струга“ што ја доделуваат УНЕСКО и СВП.

Програмата ќе продолжи се до по полноќ, со неколку читања.


Видете следно

O2 Иницијатива: Од Програмата за намалување на аерозагадување за оваа година, сè останува на ЌЕ

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули во интервјуто за Слободен печат од 15 септември …