Поглавици на домородци бараат заштита на Амазонија од нафтените компании


Поглавари на домородните народи апелираа да се спречи дупчење на нафта меѓу притоките на реката Амазон за време на пандемијата на коронавирусот, предупредувајќи дека уништувањето на нивната земја ќе ги уништи и напорите за борба против климатските промени.

Во видео порака по повод Меѓународниот ден на биодиверзитетот, тие велат дека притисокот за искористување на нивната земја ќе се зголеми бидејќи владите бараат начини да се опорават од економските последици од коронавирусот.

– Цел живот се грижиме за прашумата и ги повикуваме сите да се приклучат на нашата визија, рече Доминго Пиас, лидер на народот Ачуар во Еквадор, пренесува Хина.

– Мора да најдеме нов пат, пост-нафтен, за економски развој во корист на целото човештво, не само за нас домородците, додаде тој.

Ачуар е еден од 20 различни народи со вкупно околу 500,000 припадници, кои живеат во прашумата на границата меѓу Перу и Еквадор, позната како Свети извори на Амазон.

Постојните и планираните полиња на нафта и гас се простираат во тој регион на поврпина од 280.000 квадратни километри, област поголема од Тексас, тврдат меѓународните групи за заштита на животната средина.

Во моментов, седум проценти од тие полиња се оперативни, а владите на Еквадор и Перу планираат да експлоатираат најмалку уште 40 проценти, вклучително и полиња во прашумите, богати со живот, како што е еквадорскиот национален парк Јасуни, предупредуваат активистите.

Татковината на јагуарот, на розовите речни делфини, анаконди, мајмуни врескачи и илјадници други видови е во голем дел недопрена од човекот и е дел од пошироката Амазонија, најголемата прашума во светот.

Кито, 22 мај 2020 (МИА)


Видете следно

„Мајкрософт” заменува новинари со – роботи

Мајкрософт ќе замени десетици новинари со автоматски системи за избор на вести на веб-страницата МСН, …